Рубрика: Астрономија и астронаутика
Зимата доаѓа... на Нептун
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.04.2022 - 11:45

Нептун виден низ објективот на камерите од Војaџер 2

Ноќта на Нептун е темна и полна ужаси. На северната хемисфера на планетата во моментов е во тек а една од нејзините 40-годишни зими, додека на јужната во тек е релативно “благата“ летна сезона со просечни температури од околу –220ºC. Но, чудните временски обрасци забележани во текот на проектот за следење на атмосферските температури на Нептун долг 17 години, укажуваат на тоа дека, глобално, зимата навистина доаѓа на Нептун.

За да ја следи атмосферата на планетата изминативе 17 години, меѓународниот астрономски тим користел земски телескопи, меѓу кои и телескопот VLT на Европската јужна опсерваторија. Со комбинирање на речиси 100 термални слики од ледената планета направени во инфрацрвеното подрачје, тие успале да ја склопат траекторијата на планетарните температури и откриле нешто неочекувано.

Во трудот објавен неодамна во научното списание The Planetary Science Journal се вели дека и покрај тоа што Нептун е некаде на средина од својата долга летна сезона – таму е лето уште од 2005 година – просечните глобални температури на планетата се намалени за 8ºC од 2003 година. Она што можеби уште повеќе поизненадува е тоа што и покрај оваа студена глобална промена, јужниот пол на планетата доживува значителен пораст на температурата од 11ºC и тоа само во периодот од 2018 до 2020 година. Иако за топлиот поларен вител на Нептун се знае веќе повеќе години, досега сè уште не било забележано вакво брзо поларно затоплување на планетата.

Термални фотографии од Нептун направени во периодот од 2006 до 2020 година. Фото: ESO/M. Roman, NAOJ/Subaru/COMICSe

За тоа колку ситуацијата е неочекувана може да се заклучи и од изјавата на коавторот на трудот и виш истражувач во Лабораторијата за млазен погон (JPL) на Калтек, Глен Ортон кој за оваа ситуација вели дека нивните податоци “покриваат помалку од половина од сезоната на Нептун, така што никој не очекуваше да види големи и брзи промени“. Изјавата е пренесена од порталот на ЕСО. Дека ситуацијата е неочекувана се согласува и главниот автор на трудот и постдокторанд на Универзитетот во Лестер, Мајкл Роман, кој додава дека “Со оглед на тоа што го набљудувавме Нептун во тек на неговото рано јужно лето, очекувавме дека температурите полека ќе растат, а не дека ќе паѓаат.

Астрономите ја мереле температурата на Нептун користејќи термални камери кои работат со мерење на инфрацрвената светлина што се емитува од некој објект. Кога станува збор за Нептун, ваквото следење не претставува лесен подвиг, бидејќи температурите на неговата површина се мошне ниски, а згора на тоа планетата се наоѓа навистина далеку од нас. Токму поради ова овој тип истражувања стана е возможно да се спроведе дури во последниве дваесетина години со помош на чувствителните инфрацрвени камери од големите телескопи како VLT.

Колку да добиете претстава за тоа колку се драматични овие температурни промени, имајте на ум дека сите климатски научници се согласуваат дека затоплување од макар 2 степени на Земјата во текот на повеќе од 150 години од почетокот на индустриската револуција може да има кобни последици за животот на Земјата. За среќа, на Нептун нема живи суштества.

Но, што би можело да ги предизвика овие необични температурни обрасци кои ги запрепастија на учниците? Можно е тие да се поврзани со промените во стратосферската хемија на Нептун, со случајните временски обрасци или, пак, со сончевиот циклус. Но, за демистифицирање на овие чудни екстремни температури ќе биде потребно дополнително истражување.

Идните големи земски телескопи, како Екстремно големиот телескоп (ELT), би можеле подетално да ги набљудуваат ваквите температурни промени, додека вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА/EСA/ЦСA (повеќе за него и тука, тука, тука, тука и тука) ќе може да обезбеди досега невидени детални мапи на хемијаските и температурните процеси во атмосферата на Нептун.

Промените во термалните слики од Нептун направени со помош на инструментот VISIR на VLTво периодот од 2006 до 2021 година, покаж
Клучни зборови:
Нептун виден низ објективот на камерите од Војaџер 2

Нептун виден низ објективот на камерите од Војaџер 2 (фото: Википедија/НАСА)

Термални фотографии од Нептун направени во периодот од 2006 до 2020 година.

Термални фотографии од Нептун направени во периодот од 2006 до 2020 година. Фото: ESO/M. Roman, NAOJ/Subaru/COMICSe