Во саботата, со посредство на интернетот во 13 и 20 по македонско време го проследивме во живо успешното лансирање на вселенскиот телескоп Џејмс Веб со ракетата Аријана 5 од космодромот на ЕСА во Француска Гвајана, Јужна Америка. Оваа заедничка мисија на Европската вселенска агенција (ЕСА) и Канадската вселенска агенција (ЦСА) и НАСА има за цел да ја “открие” светлината од првите галаксии во раниот универзум и да го истражи нашиот сопствен сончев систем, но и планетите што орбитираат околу други ѕвезди.
Лансирање на JWST
Телеметриските податоци од Веб почнаа да пристигнуваат во лансирниот центар околу пет минути по лансирањето. Ракетата Ariane 5 функционираше според очекуваното, одвојувајќи се од модулот со JWST опсерваторијата 27 минути по летот. На надморска височина од 120 километри JWST се ослободи и од остатокот од “стегите” и приближно 30 минути по лансирањето ги расклопи соларните панели, а менаџерите на мисијата потврдија дека тие обезбедуваат енергија за опсерваторијата. По ова операторите на мисијата воспоставија комуникациска врска со опсерваторијата преку станицата Малинди во Кенија, а терестријалната контрола во Научниот институт на вселенскиот телескоп во Балтимор ќе ги испрати и првите команди до вселенското летало. Првите корективни маневри следеа околу 12 часа и 30 минути по лансирањето, насочувајќи го вселенското летало на оптимална траекторија кон неговата дестинација.
Лансирниот центар на ЕСА во Француска Гвајана
Најголемата и најсложената вселенска научна опсерваторија во светот сега ќе започне со шестмесечно пуштање во работа во вселената. На крајот од пуштањето во работа, Веб ќе ги испорача своите први слики. Веб носи четири најсовремени научни инструменти со високо чувствителни инфрацрвени детектори со невидена резолуција. Веб ќе ја проучува инфрацрвената светлина од небесните објекти со многу поголема јасност од кога било досега. Премиерната мисија е научен наследник на иконите на вселенските телескопи Хабл и Спицер на НАСА, изградени за да ги надополнат и унапредат научните откритија на овие и други мисии.
Сега следат многу очекуваните и критични 29 дена за вселенскиот телескоп Веб, период во којшто треба да пристигне на неговата дестинација и постепено да се отвори во целата своја големина.
Во меѓувреме сите љубопитници можат да погледнат на сајтот на НАСА тука, за да видат каде точно се наоѓа вселенскиот телескоп во моментов и до каде е стасан Веб со оваа мошне компликувана процедура на постепено отворање.
На сајтот на НАСА може во живо да ги следите сите фази од патешествието на JWST
Револуционерната технологија на телескопот Џејмс Веб ќе ја истражува секоја фаза од космичката историја – од нашиот Сончев систем до најдалечните галаксии од раниот универзум, но и сè помеѓу нив. Од Веб се очекува да направи нови и неочекувани откритија и да му помогне на човештвото да го разбере потеклото на универзумот и нашето место во него.
Како треба да тече целата процедура на патувањето и пуштањето во употреба на JWST