... што да очекуваме и што сè може да тргне наопаку
Конечно, дојде и тој момент, НАСА го лансира вселенскиот телескот Џејмс Веб (James Webb Space Telescope – JWST), проект што помина во изработка 30 години, речиси како одговор на предизвикот од директорот на Институтот за вселенски телескопи, Рикардо Џакони, којшто непосредно пред лансирањето на Хабл изјави: “замислете ја следната голема вселенска мисија по Хабл”. И еве сме сега, повеќе од 30 години по презентирањето на првиот концепт претставен на 29 септември 1989, и по потрошени околу 10 милијарди долари, по низата одлагања, партнерите НАСА, ЕСА и ЦСА се подготвени за лансирање на најновото телескопско чудо – Вселенскиот телескоп Џејмс Веб.
Според последните вести, лансирањето е закажано за 25 декември напладне, во прозорецот помеѓу 12 часот и 20 минути и 12 часот и 52 минути UTC, односно 13 часот и 20 минути и 13 часот и 52 минути по македонско време. Како што веќе пишувавме (Привршува градбата на џиновскиот вселенски телескоп “Џејмс Веб” – ЕМИТЕР 7-12/2019), лансирањето ќе се реализира од космодромот во Француска Гвајана со европската ракета Аријана 5, како помоќна од ракетите што досега ги употребува НАСА. Тука не би ве замарале со сите детали за овој моќен телескоп, впрочем нив можете да ги прочитате во споменатиот напис. Но, сепак ќе кажеме реченица-две за неговата намена.
JMST ќе овозможи да ѕирнеме длабоко во минатото на универзумот, но и многу повеќе...
JWST е навистина софистициран телескоп, дизајниран со можност да ги набљудува најоддалечените и најстари објекти коишто некогаш постоеле во нашиот универзум. Со други зборови кажано, да ѕирка подалеку во неговото минато отколку што тоа досега можел да го прави кој било друг телескоп. Тој ќе биде приближно 100 пати помоќен од легендарниот вселенски телескоп Хабл – ќе може да ни го открие составот на атмосферите на некои интересни егзопланети т.е. да нѐ доведе до позиција да откриеме (хемиски) траги на живот на нив! Исто така, ќе ни помогне да ѕирнеме до најдалечните галаксии, првоформираните по настанокот на вселената, и да нѐ донесе чекор поблиску до разбирање на тоа "како сѐ почна"....
Ризичниот пат на JWST од Земјата до Лагранжеовата точка L2
E, aрно ама, за да го стори сето ова, мора да ја помине секвенцата опишана во видеото подолу... секвенција од 300 (буквално 300) можни точки, т.н. single point of failure, во коишто сè може да отиде “по ѓаволите”. Ако која било од овие 300 постапки "запне" – чао аморе, нема ништо од вселенскиот телескоп... Исто така, бидејќи за разлика од Хабл кој е во ниска стационарна орбита околу Земјата (Low Earth Orbit – LEO), JWST треба да се стационира во Лагранжеовата точка 2 (Lagrange point 2 – L2) која е 1,5 милиони километри оддалечена од Земјата, што е отприлика четирипати подалеку од растојанието помеѓу Месечината и Земјата. И за разлика од Хабл, кога веднаш по пуштањето беше забележана “утка” во дизајнот на огледалото којашто набрзо беше коригирана, во случајот со телескопот Џејмс Веб, нема да има шанси за лансирање мисија за поправка...
Затоа, за време на лансирањето и во наредните 29 дена, сè додека JWST не се "расцвета" како оригами до својата номинална конфигурација – време е за стискање палци.