Вчера, помошните мотори од вселенскиот телескоп Веб беа активирани во траење од речиси пет минути (297 секунди). Со ова беше направена последната корекција на курсот на Веб по лансирањето, и телескопот беше поставен на средината од патеката што го вметнува Веб во орбита околу втората Лагранжова точка Сонце-Земја (L2), на оддалеченост од околу 1,5 милиони километри од Земјата.
Последното активирање на моторите, кое се случи некаде на средината од патеката само го забрза темпото на движење на Веб за 1,6 метри во секунда, што беше токму колку што требаше за да го испрати до неговата зацртана орбита околу точката L2. “Добредојде дома, Веб!” – со радост извика администраторот на НАСА Бил Нелсон, кој потоа му честиташе на тимот од мисијата за досегашната напорна работа којашто овозможи целиот пат и расклопување на телескопот да помине без проблеми.
Орбитата на Веб ќе овозможи неговиот поглед да продре длабоко во космосот во секој даден момент, додека неговата телескопска оптика и научните инструменти безбедно заштитени од Сонцето ќе останат доволно ладни за да функционираат и оптимално да ги работат научните задачи. На својот пат до L2 вселенскиот телескоп користеше што е можно помалку од погонското гориво за корекции на курсот, со цел да остане колку што е можно повеќе погонско гориво за редовните научни операции што Веб ќе ги извршува во текот на планираниот животен век – одржување на местоположбата (мали прилагодувања за одржување на Веб во саканата орбита ) и намалување на импулсниот момент (како контратежа на ефектите од притисокот на сончевото зрачење врз огромниот сончев штит).
Како што веќе споменавме вселенскиот телескоп Џејмс Веб е најголемиот, најмоќниот и најкомплексниот вселенски научен телескоп некогаш изграден во светот. Телескопот Веб ќе работи за решавање на мистериите во нашиот Сончев систем, неговото “око” ќе погледне далеку, во далечните светови околу другите ѕвезди и ќе ги испита мистериозните космички структури и потеклото на нашиот универзум, со што ќе се доближиме до разбирањето на нашето место во него.
Вселенскиот телескоп Џејмс Веб е меѓународен проект предводен од НАСА, изведен во соработка со нејзините партнери, ЕСА (Европската вселенска агенција) и Канадската вселенска агенција (ЦСА).
Повеќе за Веб може да прочитате во “Привршува градбата на џиновскиот вселенски телескоп Џејмс Веб”, “Во пресрет на лансирањето на огромниот вселенски телескоп Џејмс Веб”, “Следете го патот на вселенскиот телескопот Џејмс Веб во живо”
Со оглед на долгиот процес на калибрирање на огледалото и на инструментите, првите фотографии од Џејмс Веб се очекува да пристигнат дури на лето.