По критичната фаза за порамнување на огледалата, тимот на вселенскиот телескоп Џејмс Веб (James Webb Space Telescope) смета дека оптичката изведба на телескопот ќе ги исполни, ако не и да ги надмине очекувањата за достигнување на научните цели за коишто беше изградена.
На 11 март тимот на Веб ја заврши со фината фаза на нагодување во којашто секој оптички параметар беше проверен и тестиран, при што беше потврдено дека сите функционираат според очекуваното, па дури и подобро. Не беа најдени никакви критични проблеми ниту мерлива контаминација или блокирање на оптичката патека на Веб, што значеше дека опсерваторијата може успешно да ја собира светлината од далечните објекти и без проблем да ја доставува до своите инструменти.
Минатиот месец, НАСА го насочи телескопот кон многу поблиска ѕвезда при што беа направени 18 посебни слики со неговите огледални сегменти. Но, вчера беше објавена и првата пробна фотографија на подалечен објект направена од вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Се работи за тест снимка, значи не за официјална научна опсервација, којашто требаше да потврди како 18-те шестоаголни огледала од телескопот функционираат заедно – креирајќи една единствена координирана слика на ѕвезда оддалечена од Земјата 258,5 светлосни години. Како што кажавме, тоа функционирало подобро од очекуваното.
Тест-сликата беше од ѕвездата HD 84406 во соѕвездието Голема мечка, со магнитуда 6,4 – што е на границата на видливост на најслабите ѕвезди што би можеле да се видат со голо човечко око. Обликот на огледалата на Веб и неговиот инфрацрвен опсег направија ѕвездата да има изразени 6 краци и да изгледа поцрвено од она што го гледаме во светлосниот опсег, но она што навистина остава без здив е она што може да се види во задината на фотографијата – илјадници галаксии, стари неколку милијарди години.
Како што веќе споменавме и претходно кога пишувавме за телескопот (види “Вселенскиот телескоп Џејмс Веб пристигна на целта”, “Привршува градбата на џиновскиот вселенски телескоп Џејмс Веб”, “Во пресрет на лансирањето на огромниот вселенски телескоп Џејмс Веб”, “Следете го патот на вселенскиот телескопот Џејмс Веб во живо”), научниците се надеваат дека Веб ќе може да погледне далеку и назад во времето кога универзумот бил стар само неколку стотици милиони години.
Иако на сите тестови инструментот дава повеќе од одлични резултати, првите слики наменети за научни испитувања од вселенската опсерваторија Џејмс Веб се очекуваат дури на крајот на јуни или почетокот на јули.
Како бонус фотографија во прилог е и новото “селфи” на телескопот, направено со помош на специјализираниот објектив за фотографирање на примарните огледални сегменти, за инженерски цели и за усогласување. На сликата се видливи сите 18 основни огледални сегменти на Веб како координирано ја собираат светлината од една иста ѕвезда.