Започна да функционира новиот оптички систем којшто беше вграден во телескопот ВЛТ на Европската јужна опсерваторија, во пустината Атакама во Чиле. Новиот систем, наречен GALACSI, го користи методот познат како ласерска томографија. Методот употребува повеќе ласери со голема моќност, насочувајќи ги кон небото со цел да се создадат симулирани ѕвезди-водилки. Со нивно мерење може со висок степен на точност да се пресмета обемот на турбуленциите и пречките во атмосферата на Земјата над телескопот. Податоците потоа се употребуваат за корекција на сликата, со што се формира слика со многу поголема јасност, во споредба со оние добиени од другите терестријални опсерватории.
Според сведочењата на операторите, сликите добиени со употреба на системот се со иста острина и јасност како фотографиите добиени од вселенскиот телескоп Хабл на НАСА. А ако не им верувате на операторите, погледнете ги и сликите во прилог.
ВЛТ против Хабл – споредба на фотографиите на Нептун добиени од ВЛТ опремен со новиот оптички систем и од Хабл.
Пред и потоа. Фотографија на Нептун направена со и без употреба на новиот оптички систем GALACSI вграден во ВЛТ
Првите тест-слики на VLT со користење на системот GALACSI се од планетата Нептун. Сликите добиени со и без употреба на системот значително се разликуваат една од друга, како што може да се забележи. На една од сликите е направена споредба на деталите што сега се забележливи со ВЛТ и она што го фаќа Хабл. Фотографиите се направени и објавени од Европската јужна опсерваторија – ESO.
Сличен систем се вградува и во Џиновскиот Магеланов Телескоп (GMT) на Австралискиот национален универзитет, којшто се гради на врвот од планината Лас Кампанас, исто така во Чиле. GMT се очекува да стане оперативен до 2020 година.