Рубрика: Електроника
Летна работилница: Направи сам ESR-метар
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 07.07.2018 - 20:15

Подобрениот аналоген ESR-метар од Емитер 10-2012 и 11-2012

ESR-метарот е незаменлив инструмент за секој електроничар, а особено за оние кои работат како сервисери, бидејќи тој овозможува лесно откривање на сите неисправни (исушени) електролитски кондензатори. Овој инструмент ја мери еквивалентната сериска отпорност (ESR = Equivalent Series Resistance) на кондензаторите без нивно одлемување од уредот, со што многукратно се зголемува неговата практичност и употребливост.

Зошто треба да ја мериме ESR? Електронските компоненти не се идеални, тие често покажуваат и карактеристики кои не се пожелни или кои не се совпаѓаат со моделот според кој е предвидено тие да работат. Кондензаторите, на пример, би требало да имаат само одредена капацитивност, но тие понекогаш можат да се однесуваат како отпорници, па дури и како индуктивности. Овие аномалии се особено изразени кај електролитските кондензатори кои, како што и самото нивно име кажува, содржат електролит кој може да биде течен (кај алуминиумските електролитски кондензатори) или во цврста состојба (кај тантал-електролитските кондензатори). Својствата на електролитот имаат тенденција да деградираат со текот на времето, па велиме дека електролитот "се суши". Резултат на ова е зголемување на ESR, а во подоцнежна фаза и намалување на капацитивноста.

Зголемувањето на ESR кај кондензаторите различно влијае врз нивната "работоспособност". На пример, зголемувањето на ESR од 0,5 на 5 оми кај спрежен кондензатор на влезот од аудиозасилувач маргинално ќе влијае врз перформансите на уредот, додека истото зголемување на вредноста на ESR кај спрежен кондензатор на излезот на засилувачот може да има големо влијание во деградацијата на перформансите на уредот. Исто така, зголемувањето на ESR, во просек, многу помалку влијае во аналогни кола, отколку што влијае во импулсни кола. Се смета дека во електронските уреди од понова генерација, кои речиси редовно користат импулсни напојувања, повеќе од 70% од дефектите се предизвикани токму од деградација на својствата на кондензаторите, па оттука потребата од брза и ефикасна алатка за едноставно следење на состојбата на ESR кај кондензаторите.

Од претходно кажаното, очигледно е дека ESR-метарот е многу важен инструмент за сервисерите на електронски уреди и, во согласност со ова, би требало да го има во секоја продавница за електронски материјали и да има голем број шеми за негова самоградба. Но реалноста е спротивна. До пред десетина години фабрички ESR-метри речиси и не постоеја, а и денес на пазарот постојат само малку модели со релативно висока цена (на пример, Atlas ESR70, кој чини 135 долари). Самоградбата на ESR-метар исто така не е баш лесно достапна опција. Имено, до пред 10-15 години, шема на квалитетен ESR-метар беше “најдобро чуваната тајна во електрониката“ и тоа не само кај нас. Дури и денес, кога на интернет можат да се најдат милиони шеми од други уреди, добра и точна шема на ESR-метар со детални упатства за самоградба е тешко да се најде. Колегата Емилијан Иљоски пред 2 години спроведе мало истражување на интернет и лоцира само 4 различни шеми од ESR-метри, од кои на две веднаш забeлежал очигледни (и најверојатно намерни) грешки. Причините за ова се јасни – секој поправен уред повеќе претставува поголем приход за сервисерите, па оттука потребата за криење на шемата на навистина квалитетен ESR-метар.
Но ние, водени од мислата “ЕМИТЕР ви го дава она што другите љубоморно го чуваат“, во изминатите години објавивме 3 детални проекти за самоградба на квалитетни ESR-метри.

Првиот проект го објавивме во далечната 2000 година, поточно во бројот 2/2000, во време кога ретко кој во Македонија имаше слушнато за ESR-метар, а не пак да видел шема или да изработил таков инструмент. Може да се каже дека со овој проект македонските електроничари го открија ESR-метарот :-). ESR-метарот од Емитер 2/2000 е замислен како додаток на аналоген унимер (види слика подолу), а е реализиран на две мали плочки со печатено коло со помош на два четворни операциски засилувачи. За повеќе информации и фотографии погледнете тука

Вториот ESR-метар на ЕМИТЕР е дигитален, и проектот за него е објавен во бројот 6/2004. Станува збор за самостоен уред сместен во мала кутија, кој резултатот го прикажува на LED дисплеј од 3 1/2 цифри, со резолуција од 0,1 ом (види на сликата подолу). Проектот се базира на колото ICL7107CPL, операцискиот засилувач LF412 и неколку CMOS логички кола, а е реализиран на две плочки со печатено коло. За повеќе информации и фотографии, отидете тука

Третиот (и за сега последниот) проект за ESR-метар го објавивме во броевите 10/2012 и 11/2012 година, под насловот “Подобрен ESR-метар“. Тој се базира на решението обработено во бројот 2/2000, со неколку значајни унапредувања – посебно дизајнирана скала на која се покажува состојбата на електролитските кондензатори зависно од нивната ESR и од нивната капацитивност, како и состојбата на индуктивни намотки зависно од резултантната сериска отпорност и од нивната индуктивност. Исто така, овој инструмент, покрај мерењето импеданса на одредена фреквенција, го мери и отпорот на компонентата при еднонасочен напон и него го споредува со зададена вредност. Тоа е новина во овој тип уреди, која многу ги подобрува неговите перформанси, односно ја зголемува ефикасноста на сервисерот во лоцирањето на дефектот. Подобрениот ESR-метар е вграден во куќиште од евтин аналоген унимер, со што е добиен инструмент со професионален изглед (види на сликата подолу). За повеќе информации и фотографии, посетете ги страниците за овој проект тука и тука
 

Ако сте електроничар, ако изработувате и/или сервисирате електронски склопови и уреди, а сè уште немате ESR-метар, тогаш време е да си изработите ваков инструмент. Разгледајте ги наведените проекти и статии, и во согласност со своите потреби изберете кој модел ќе го правите. За поедноставна реализација од нашиот ППК сервис, по навистина популарни цени, можете да нарачате готови плочки со печатени кола (ППК). Ви посакуваме успешна градба и примена на инструментот.

Клучни зборови:
Подобрениот аналоген ESR-метар од Емитер 10-2012 и 11-2012

Подобрениот аналоген ESR-метар од Емитер 10/2012 и 11/2012

Аналогниот ESR-метар од Емитер 2-2000

Аналогниот ESR-метар од Емитер 2/2000

Дигиталниот ESR-метар од Емитер 6-2004

Дигиталниот ESR-метар од Емитер 6/2004

Комерцијален ESR-метар Atlas ESR70

Комерцијален ESR-метар Atlas ESR70