Рубрика: Автомобилска техника
Направи сам картинг
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 03.10.2014 - 15:45

Картингот е најмасовен автомобилски спорт во светот. Има стотици, илјадници поклоници. Од овој спорт се регрутираат тркачите во Формула 1 и во останатите автомобилски спортови. Но картингот може да биде и за забава и рекреација. Накратко, возењето картинг е вистинско задоволство, авантура и високо адреналинско уживање за кое нема замена. А исто толкаво уживање носи и самоградбата на картингот.

Првиот картинг е направен во Соединетите Американски Држави, некаде околу 1956 година. Причина за неговото појавување е немирниот дух на еден конструктор на шасии за тркачки автомобили, кој во своето слободно време наумил да направи едноставно возило коешто би било способно само да се движи. Моторот бил со зафатнина од 100 ccm. Картингот постигнал неочекувано голем успех и се барал примерок повеќе. Во 1959 – 1960 година е пренесен во Англија, а од таму во остатокот на Европа. Тоа е мало, спартанско возило за едно лице, со отворена каросерија, со шасија од цевки и без амортизација. Ова последново го овозможува многу важниот ефект на непорамнетост на четирите тркала (non-aligned) кога се вози во свијок, со што се елиминира потребата од диференцијал, па значително се поедноставува конструкцијата на погонот. Сето ова недвосмислено наведува на заклучокот: картингот како да е измислен за самоградба. Всушност, природно е секој емитерџија така да размислува. Сепак, да ги разгледаме сите опции за тоа како да дојдеме до сопствено картинг-возило. Наједноставно, но и најтривијално е да се купи нов. При ова, емитерџијата многу губи, а малку добива. Цената на наједноставните модели е околу 3000 евра, па нагоре (ова е цена без останатите давачки www.rimousa.com/pdf/folder_options.pdf). Купувањето картинг на старо не е добра опција затоа што ова носи ризик од купување на упропастен картинг во кој воопшто не е исплатливо да се вложува за да се донесе до некое пристојно техничко ниво и да може да се користи.

Другата опција е да се направи според купена техничка документација којашто се нуди на интернет. Цената на комплетната техничка документација за поквалитетен картинг се движи од 50 американски долари (тоа е сума што претходно е намалена за 70% - www.spidercarts.com), па нагоре, а зависи од моделот и сложеноста на картингот (овде зборуваме за вистински картинг, а не за картинг – играчка за деца направен од неколку цевки и склопови, што би било одбивно за секој вистински емитерџија). Потребно е да се знае дека оваа опција е прифатлива, но со одредени ризици. Имено, голем дел од овие проекти имаат некомплетна документација, најчесто имаат само кратки објаснувања (на англиски или на друг јазик) за постапките што треба да се преземат, во некои од нив се користат англо-американските мерни единици, а често има и употреба на некои готови делови и склопови што ги нема на нашиот пазар. Поради сето ова самоградбата на картинг, по нацрти преземени или купени од интернет, станува многу проблематична и со несигурен исход.

Третата опција е она вистинското – самоградба на картинг според проектот на ЕМИТЕР објавен во броевите од 1/2005 до 4/2005:

https://emiter.com.mk/napis/8256

https://emiter.com.mk/napis/8282

https://emiter.com.mk/napis/8301

https://emiter.com.mk/napis/8330

Во овие броеви го имаме прикажано целокупниот проект за самоградба на картингот ТоГи 1, што значи комплетна техничка документација и детални упатства за тоа како да го направите вашиот картинг, претставени преку текст, цртежи, табели и фотографии. А ако при реализацијата наидете на некои проблеми, имате и можност за консултација со авторите на проектот преку рубриката “Писма“.

Нема поголемо задоволство од тоа да се направи картинг со сопствени раце. Самоизградениот картинг ни причинува задоволство и радост при неговото користење, а истовремено е потврда за дострелот и умеењето на секој кој би се нафатил да го изработи. Токму тие радости го очекуваат секој што не бега од предизвикот да го изработи картингот според проектот и упатствата за негова градба дадени во погоре посочените броеви на ЕМИТЕР. И уште една многу важна придобивка е тоа што емитерџијата кој ќе го изработи овој картинг стекнува релативно солидни практични знаења од општото машинство, определени занаетски вештини, како и вештина за справување со технички цртежи и техничка документација (читање техничка документација). Со еден збор, самоградителот ќе е сведок и изведувач на раѓањето на еден производ, од готов проект до конечен реален производ кој, секако, ќе мами воздишки.

Основните технички податоци за картингот ТоГи 1 се: ширина 1250 mm, висина 600 mm, должина 1700 mm, маса 95 kg, мотор 50 ccm / 3 КС и максимална брзина 35 km/h.

Секако дека проектот што го нудиме може да биде и само основа за градба на картинг, т.е. погоден е за модификации и решенија на склоповите во сопствена режија. Тоа многу успешно го направија учениците од СОУ "Гошо Викентиев" од Кочани, предводени од професорите Ивица Јорданов и Љупчо Стојилков. Тие многу умешно и успешно направија своја верзија на картингот ТоГи 1, која е прикажана во ЕМИТЕР број 6/2011: https://emiter.com.mk/napis/10552.

Овој картинг стана хит во Кочани и уште повеќе, на семинарот на средните технички училишта од ЕУ, одржан во Крит, во 2008 година, кочанскиот картинг е прогласен за најоригинална идеја и е предложен за реализација на практична настава во средните технички училишта во цела ЕУ. Овој успех е основа и за нивната работна посета на покана на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Stiching – EB од Германија, за што имаме репортажа објавена во ЕМИТЕР број 5/2014: https://emiter.com.mk/napis/11636.

Голем успех би бил доколку и вие, на основа на ТоГи 1, направите своја модификација на картинг или направите потполно нова верзија на картинг, за што ја имате нашата целосна поддршка во совети, упатства и одговори на вашите прашања во врска со оваа проблематика. Успехот не е недостижен. Со добра организација и работа, тој секогаш е на дофат. Задоволството од постигнатото е немерливо: всушност, тоа ќе е вашиот најголем капитал.

Но, приказната со картингот не застанува тука. Авторите на ТоГи 1 во 2005 година се претставија со нова верзија на картинг кој го носи името ТоГи 2. Ова е професионална надградба на ТоГи 1, предвиден да се натпреварува на пазарот за да постигне комерцијален успех. Повеќе за него е пишувано во рубриката Made in Macedonia, во ЕМИТЕР број 6/2012: https://emiter.com.mk/napis/11045.

Ги охрабруваме сите поединци и образовни институции час поскоро да си го овозможат ова задоволство и да го изработат предложениов картинг. Притоа, ве уверувам дека односот добиено-вложено ќе е многу голем. Тоа би било уникатно и неповторливо искуство и печење на занаетот, што ќе ви даде крила за справување со нови предизвици од слична природа, помалку или повеќе сложени. Не двоумете се, прифатете го предизвикот кој засекогаш ќе ве катапултира на ѕвезденото небо, а тоа ќе ве направи многу посигурни и похрабри во справувањето со нови предизвици, кои не се само од чисто техничка природа.

Клучни зборови: