Рубрика: Информатика
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 3
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 14.09.2012 - 13:30

На последниот ден на "ИДФ 2012 Сан Франциско", воведното предавање го одржа главниот службеник за технологија на Интел – Џастин Ратнер (Justin Rattner). Тој ја сумираше својата визија за иднината на безжичните комуникации обраќајќи им се на присутните со следните зборови: "Во иднината, ако уредот содржи компјутерски дел, тогаш тој ќе биде во состојба да се поврзува со други уреди. Од наједноставните embedded сензори, па сè до најнапредните податочни центри во облак, ние ги бараме начините на кои сите овие работи меѓусебно ќе се поврзат, без потреба од кабли." Ратнер премиерно го демонстрираше првото воопшто целосно дигитално WiFi радио, наречено "Радио на Муровиот закон".

Името доаѓа оттаму што дигиталното радио го следи Муровиот закон во поглед на намалување на големината и зголемување на енергетската ефикасност, што се должи на употребата на најновата Интелова 22-нанометарска технологија. Се работи за целосно дигитално WiFi-радио, интегрирано во истиот чип заедно со останатите дигитални составни делови. На овој начин значително се намалува големината, а се зголемува енергетската ефикасност истовремено овозможувајќи уште поголема поврзливост. Малите димензии и ниската цена на дигиталните радија ќе овозможи огромен број на најразновидни примени и вградувања.

По ова, беше претставен и WiGig, најновиот WiFi стандард кој значително ќе го намали бројот на кабли и ќе овозможи употреба на целосно безжични докови и дисплеи. Следната генерација безжичен стандард – WiGig работи во опсегот на милиметарските бранови должини од радио спектарот и обезбедува трансфер од над 5 гигабити во секунда. WiGig-стандардот всушност претставува напор на индустријата да се консолидираат големиот број различни безжични технологиии од 60 GHz во рамките на постојниот WiFi стандард.

Ратнер ја претстави и новата биометриска техника на идентификација. Intel Labs со неа демонстрираше како да се елиминираат лозгуните, а сепак да се има уште побезбеден пристап до услугите на облак-сервисите. Технологијата му овозможува на корисникот да се идентификува себеси на сопствениот уред, ултрабук-компјутерот, на пример, со помош на биометрички сензор, а потоа со овој податок уредот самиот се автентификува кај еден или повеќе сервиси кои се базираат на облак. На овој начин, со исчитување на специфичниот распоред на вените на раката од корисникот, неговиот уред ќе му овозможи пристап директно до неговата банковна сметка, на пример, или, пак, да се вклучи на неговата страница на некоја од социјалните мрежи. Целиот процес е целосно транспарентен, лесен за употреба и побезбеден.

На сцената на Ратнер му се придружи и д-р Чи-Лин Ај (Chih-Lin I), главен научник во Институтот за истражување на Чајна мобајл во Пекинг. Стана збор за соработката меѓу Интел Лабс и Чајна Мобајл со цел за дизајнирање и создавање прототип на Cloud Radio Access Network (C-RAN ) во природна големина. C-RAN технологијата се очекува во голема мера да ги намали, како капиталните така и оперативните трошоци на провајдерите на безжични услуги, истовремено нудејќи супериорни нивоа на безжични услуги на корисниците со помал број падови во врските за време на најфреквентните периоди. Друг фокус на истражувањата во Интел лабс е видео-свесната безжична мрежа (Video Aweare Wireless Network – VAWN), каде што и давателите на услуги и крајните корисници ќе имаат корист. VAWN е заедничка програма за академско истражување, спонзорирана од Intel, Cisco и Verizon. VAWN има за цел да го зголеми видео-капацитетот на безжичните мрежи, истовремено подобрувајќи го видеоприемот преку оптимизирање на ефикасноста на мрежата на обата краја.

Од другите предавања и презентации од последниот ден на ИДФ, ви издвојуваме:
• "Како да се предвидат иновациите и да се усвојуват идеите" (Predicting Innovation and Getting Ideas Adopted на Френк Глисон (Frank Gleeson) и Естер Болдвин (Esther Baldwin). На предавањето стана збор за начините на кој се доаѓа до иновации, типовите на иновации (радикални, средни и мали). Накратко – идејата не е доволна, треба да знаете како да ја презентирате и да ја примените, па дури и ако ви се чини дека носи незначителен напредок.

• "Иновативната наука која ја користи Интел: од истражување до производство" (Innovation Science Used at Intel: From Research to Manufacturing) на Ален Биле (Allen Beale) и Дејвид Флеминг (David Fleming). Во овој дел стана збор за начините на кои Интел доаѓа до неговите иновативни идеи и беше презентиран патот на идејата сè до процесот на производство;
• "Интел платформи: дизајнирање за глас и говор" (Intel Platforms: Designing for Voice and Speech) на Шон Беус (Shawn Beus), Чутин Су (Chutin Su), Шрикант Потлури (Srikanth Potluri) и Девон Ворел (Devon Worrell). Споменатиот Dragon Assistent за ултрабук-компјутерите отвора нови врати за гласовно командување со програмите на компјутерот. Тука стана збор за тоа што сè е потребно за оваа функција да се имплeментира во идните уреди. Со овој ден се спушти завесата на овогодишниот "ИДФ 2012" во Сан Франциско.

Поопширна сторија за настаните и новите технологии кои беа презентирани на овој настан ќе можете да најдете на страниците на октомврискиот број од списанието ЕМИТЕР.

 

Написов е оригинално објавен на порталот на ЕМИТЕР во септември 2012 година како "ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 3 | Емитер (emiter.com.mk)

Поврзани написи од истиот настан:
"ИДФ Сан Франциско 2012" – нулти ден | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 1 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 2 | Емитер (emiter.com.mk)
Со ЕМИТЕР на "ИДФ 2012" во Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)

Целосниот извештај од настанот може да прочитате во октомвриското издание на списанието ЕМИТЕР (10/2012) IDF 2012 Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)