Вториот ден од ИДФ започна со воведното предавање (keynote) на Рене Џејмс (Renée James), постар потпретседател и генерален менаџер на Групацијата за софтвер и услуги на корпорацијата Интел, која ја претстави својата визија за транспарентна компјутерска техника и технологија. Концептот како таков може да биде воспоставен единствено доколку постои отворен систем за развој, кој ќе овозможи кодот што ќе го испрограмираат развојните софтверски инженери и програмери непречено да се вчитува и да работи независно од средината на опкружување и уредот кој се употребува. На овој начин би се намалила потребата за компромис меѓу финансиските и техничките услови кои треба да се задоволат.
Во текот на своето излагање, Џејмс ја истакна важноста на HTML5 и сродните стандарди и подвлече дека спроведувањето на оваа технологија од страна на развојните инженери и програмери треба да остане отворена, за да се обезбеди стабилна средина за развој на апликациите. Џејмс ја нагласи посветеноста на Интел за HTML5 и JavaScript, најавувајќи дека Mozilla, во соработка со Интел, работи на сопствена имплементација на технологијата RiverTrail, која во моментов може да се симне како plug-in, а наскоро ќе биде и составен дел од интернет-прелистувачот Firefox, со што ќе му се овозможи паралелно усогласување на веб-апликациите веќе во наредната година. По ова, стана збор за безбедноста.
Заедно со ко-претседателот на McAfee, Мајкл Дечезаре (Michael DeCesare), Рене Џејмс ја нагласи важната улога која ја има безбедноста имајќи ги предвид обемот и софистицираноста на заканите. Беше претставен McAfee Anti-Theft, безбедносниот софтвер наменет за зачувување на безбедноста на ултрабук-уредите, а Дечезаре ја нагласи и можноста за учество на развојните инженери и проограмери во партнерската програма на McAfee – McAfee Security Alliance (SIA). Интересна е и најавата за новата заштита против крадење и злоупотреба на слики и фотографии од социјалните мрежи. Имено, софтверот кој го најавува McAfee ќе го работи тоа на тој начин што при обидот сликата да биде неавторизирано симната (па дури и со помош на PrintScreen), таа ќе се замати до мера на целосна непрепознатливост и неупотребливост.
По ова, Џејмс ја најави програмата Intel Developer Zone, која е направена на тој начин што на развојните инженери и програмери им нуди единствена точка на пристап до алатките, заедниците и ресурситe кои би можеле да им помогнат во peer-размената. Со Intel Developer зоната, програмерите можат да се консултираат директно со експертите во својата област, како од Intel така и од индустријата, со цел да споделат знаења, да добијат поддршка и да воспостават врска со останатите. Така, на пример, во Ultrabook заедницата, може да се најдат водечки програмери кои ги споделуваат сопствените идеи и препораки за начините на создавање Microsoft Windows 8 апликации за најновите Ultrabook-уреди.
Од останатиот дел од денот, ги издвојувам следните предавања:
• "Иднината на енергетски ефикасното компјутерско работење" од Танај Карник (Tanay Karnik, Director of University Research Office, Intel Corporation). Предавањето најнапред гo подвлече енергетскиот проблем, за потоа да премине на искажување на визијата за идните уреди и интегрирани кола, па преку архитектурите со ниска енергетска потрошувачка и енергетски ефикасното поврзување на платформите да заврши со можните решенија за собирање и исползување на енергијата.
• "Intel Visual Computing Research Centers: Future of Visual Computing" на Грег Лиминг (Greg Leeming, Program Director, Intel Corporation). Интеловиот центар за наука и техника "Визуелно компјутерско работење" и Интеловиот "Институт за визуелно компјутерско работење" спроведуваат истражување кое ќе ја дефинира иднината на визуелните компјутески содржини. Поедноставувањето на создавањето дигитални содржини се очекува да направи експлозија во областите на софистицираните визуелни содржини (дигиталните видео, фотографија и анимации, потоа симулациите и сл.) и новите начини на интеракција – виртуелен шопинг, социјализација и бизнис-примени.
• "Experience the Near Field Communication (NFC) Cool Factor!", на Занил Џаин (Sunil Jain, Strategy Planner, Intel Corporation) и Мигел Балестерос (Miguel Ballesteros, Mobile Platform Architect, Intel Corporation). Предавачите најнапред дадоа краток осврт на тоа што претставува NFC-технологијата, за потоа да се нурнат во можностите за нејзина примена како, на пример, безбеден пристап до информациите, ID за потреби на влади, лични шкафчиња, повеќекратни NFC-читачи на влезови во големи компаниски згради итн. Ова е сè за денес. Останете со нас и утре, со нови информации од "ИДФ 2012" во Сан Франциско.
Написов е оригинално објавен на порталот на ЕМИТЕР во септември 2012 година како "ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 2 | Емитер (emiter.com.mk)
Поврзани написи од истиот настан:
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 3 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 1 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – нулти ден | Емитер (emiter.com.mk)
Со ЕМИТЕР на "ИДФ 2012" во Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)
Целосниот извештај од настанот може да прочитате во октомвриското издание на списанието ЕМИТЕР (10/2012) IDF 2012 Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)