Рубрика: Информатика
"ИДФ Сан Франциско 2012" – нулти ден
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 11.09.2012 - 14:00

Пред официјалниот старт на ИДФ 2012, еден ден порано Интел организираше неколку настани (панел дискусија, проекција на филм, техничка изложба) на кои се разгледуваше начинот на кој луѓето денес ја восприемаат и вклопуваат современата технологијата во нивната претстава за светот на иднината. Модератор на панел дискусијата беше футурологот на Интел Брајан Дејвид Џонсон, (Brian David Johnson) додека во неа учество земаа технолошките аналитичари Роб Ендерли (Rob Enderle) и Катлин Маер (Kathleen Maher), писателите на научна-фантастика – Медлин Ешби (Madeline Ashby) и Карл Шредер (Karl Schroeder) и истражувачите на Интел Лабс – Марџи Морис (Margie Morris) и Даг Кармин (Doug Carmean).

Посебен акцент беше ставен на минијатуризацијата на компјутерските уреди и каде сè ова може да нè одведе, во некоја реална временска рамка кога повеќето би можеле да ја искусиме компјутерската техника интегрирана во секојдневните предмети. По панел дискусијата, можеа да се видат повеќе иновации кои ќе го променат начинот на кој купуваме, ги разгледуваме фотографиите, одржуваме деловни состаноци итн. По ова следеше прикажување на документарецот Vintage tomorows кој дава поглед во научно-фантастичниот правец стимпанк (steampunk). Правецот ја разгледува иднината низ призмата на минатото или поточно ја меша викторијанската ера и дивиот запад со сегашноста и можната иднина или, пак, гради некоја иднина во минатото. Пример за овој правец се филмовите и сериите: Дивиот див запад (The Wild Wild West), Лига на извонредни господа (The League of Extraordinary Gentlemen), Склад 13 (Warehouse 13) итн.

Документарецот покренува дискусија за тоа колку вистински го разбираме начинот на кој функционираат секојдневните современи технологии, каков е нашиот емотивен прием на модерните технологии и дали како обични корисници имаме можност вистински да влијаеме на начинот на кој тие работат како што било случај во минатото. Поопширно за овој и другите настани на ИДФ 2012 во октомврискиот број на списанието ЕМИТЕР.

 

Написов е оригинално објавен на порталот на ЕМИТЕР во септември 2012 година како "ИДФ Сан Франциско 2012" – нулти ден | Емитер (emiter.com.mk)

Поврзани написи од истиот настан:
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 1 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 2 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 3 | Емитер (emiter.com.mk)
Со ЕМИТЕР на "ИДФ 2012" во Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)

Целосниот извештај од настанот може да прочитате во октомвриското издание на списанието ЕМИТЕР (10/2012) IDF 2012 Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)