Рубрика: Информатика
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 1
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 12.09.2012 - 13:45

И започнавме... По долгата ноќ на исчекување и возбуда, утрото заедно со колегите новинари се упативме од хотелот Хилтон кон Москон центарот во Сан Франциско, каде што се одржува ИДФ. Како мал куриозитет, токму оваа година ИДФ одбележува 15 години од своето постоење, време за кое досега се одржале над 100 вакви форуми на повеќе локации во светот. По пристигнувањето и регистрацијата следува донесување тешка одлука: што да се проследи денес. А, денешната понуда од презентации и демонстрации на производи и технологии беше опширна, сите теми повеќе од примамливи.

На крај, одлуката падна да се присуствува на:
1. Воведното (keynote) предавање на Давид "Дади" Перлмутер (David Perlmuter), извршен потпретседател и генерален менаџер на Intel Architectrure Group, на тема "Реоткривање на компјутерската технологија: соработка за обликување на иднината од податочни центри до одделни уреди";
2. USB power delivery: Овозможување нов стандард за USB-полнењето кое го одржаа Бред Сондерс, компјутерски архитект/стратег I/O Initiatives и Боб Данстен, главен архитект за USB 3.0, обајцата од Интел;
3. Lecture Session предавањaтa "Следната генерација на микроархитектура под шифрирано име Haswell";
4. Lecture Session "All in one PC: еволуциски можности", предавањето на Питер Бранденбургер, инженер за системски апликации од корпорацијата Интел ; и
5. Technology Insight предавањето со тема: "Ultrabook компјутерите и трансформацијата на PC-то", кое го одржа Аџаи Бат (Ajay Bhatt), од корпoрацијата Интел.

Предавањето на Дади Перлмутер беше навистина импресивно. Тој зборуваше за новите стандарди за мобилните уреди и иновативните ултрабук-системи (конвертибилни и таблети), кои ќе ги донесат новите процесори со ниска енергетска потрошувачка, почнувајќи од четвртата генерација на семејството процесори Intel Core – Haswell, кое ќе стане достапно следната година. Прозборе и за следната генерација на Intel Atom процесори, шифрирано име – "Clover Trail", која ќе биде наменета за лесните таблети со зашеметувачки долго траење на батеријата, пред сè за таблетите со интуитивниот за допир Windows 8. Воздишки извлече и демонстрацијата на еден толку секојдневен уред, како машината за продажба на кока-кола, во чие срце се наоѓа Intel Core i7 од втората генерација. Покрај ова, беше демонстрирана и работата на новиот софтвер Dragon Assistant, кој ќе ги донесе благодетите на гласовното командување. Ви текнува на "Ѕвездените патеки" каде што сè што треба да направите е да го замолите компјутерот да ја изврши работата за вас? – е, токму ова е она што овој софтвер ќе го нуди на корисникот.

Во јадрото на второто предавање се провлекуваше една идеја – еден УСБ-кабел кој ќе ви биде доволен за сè, и за размена на податоци и за напојување на уредите. Идејата е инспирирана од она што сите нас нè нервира кај преносните уреди што ги поседуваме, различни стандарди за различни уреди – да не зборуваме за каблите и дополнителните конвертори кои треба да ги носите ако одите на пат.

А што да се каже за микроархитектурата Haswell? Покрај претставувањето кое го направи Дади Перлмутер, таа доби и засебна презентација која опфати речиси сè – од микроархитектурата до енергетската потрошувачка. Концептот за компјутер сè-во-едно веќе подолго време е присутен на пазарот. Она што е ново, покрај новиот процесор кој оваа платформа, како и другите, ќе го добие следната година, се новите начини на кои таа ќе може да се применува.

Ултрабук-концептот на Интел е присутен на пазарот последнава година. Концептот за ултрабук обединува ултрамобилност, ултрадолго траење на батеријата, безбедност, ултраповрзливост, ултрабрз одговор на системот и сензори за допир. За ова веќе пишувавме во минатиот број на списанието. Во оваа сесија се прозборе повторно за новата генерација процесори и што ново тие ќе донесат во концептот на ултрабук.

Ова е сè од првиот ден на "ИДФ Сан Франциско 2012". Додека вие спиете, вашиот известувач од местото на настанот ја разгледува агендата за утрешните случувања. Следете нè секојдневно за најновите вести од Москон центарот во Сан Франциско.

 

Написов е оригинално објавен на порталот на ЕМИТЕР во септември 2012 година како  "ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 1 | Емитер (emiter.com.mk)

Поврзани написи од истиот настан:
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 2 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 3 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – нулти ден | Емитер (emiter.com.mk)
Со ЕМИТЕР на "ИДФ 2012" во Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)

Целосниот извештај од настанот може да прочитате во октомвриското издание на списанието ЕМИТЕР (10/2012) IDF 2012 Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)