Рубрика: Информатика
Со ЕМИТЕР на "ИДФ 2012" во Сан Франциско
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.09.2012 - 18:30

Оваа година за првпат имаме можност нашите читатели директно да ги информираме за настаните од конференцијата ИДФ во Сан Франциско, која секоја година во септември се одржува во овој град. Имено, благодарение на нашите деловни соработници, Примарк комуникации, официјалната PR-агенција на Интел за Mакедонија, ЕМИТЕР ексклузивно ќе земе учество во овогодишната конференција која ќе се одржи од 11 до 13 септември во Сан Франциско (САД) и од самото место ќе ги информира своите читатели за неколку од десетините настаните кои го одбележале тековниот ден. Задоволството е уште поголемо бидејќи ЕМИТЕР е единственото списание од Македонија кое директно ќе ги следи овие настани, а неговите читатели ќе ја имаат повластената можност да се информираат директно, од прва рака, за овој, еден од најзначајните настани во годината од сферата на информатичката технологија.

 

Што всушност претставува ИДФ? ИДФ (IDF), или Intel Developer Forum, е местото каде што луѓето од сите сегменти на информатичката и електронската индустрија се собираат за да слушнат за најновите достигнувања на Интел. Конференцијата нуди ретка можност присутните да се вклучат во развојот и да се информираат за производите на Интел независно од сегментот на компјутерските производи што ги интересираат. Веќе една и пол деценија конференцијата ИДФ на Интел е еден од најголемите настани во тековната година, кој помага во обликување на насоката во која ќе се развива технологијата на иднината.

На IDF во Сан Франциско оваа година пред сè ќе стане збор за она што треба да го очекуваме од Интел во блиска иднина, а тоа се:

Ултрабук (ultrabook) технологијата. Имено, во фаза на развој веќе се наоѓаат околу 40-ина ултрабук-системи со екрани на допир. Овие уреди се она што веќе и навикнавме да го очекуваме од ултрабук-системите на Интел. Тие се ултратенки, ултралесни, со ултрабрз одговор и уште побезбедни, но она во што се разликуваат е тоа што на корисниците ќе им овозможат на сосема нов начин, интерактивно преку допир, да ја користат технологијата на која свикнале. Ова особено доаѓа до израз со употребата на новиот Windows 8. Конвертибилните уреди, пак, го креваат на сосема ново ниво користењето на допирот при работата со компјутер. Тие го земаат и го нудат најдоброто од двата света, создавајќи сосема нов пристап при користењето на ултрабук-уредите... или можеби се работи за таблет-компјутери? Партнерите на Интел во овој сегмент, меѓу кои се Asus, Dell, Lenovo, Panasonic, Sony и Toshiba, оваа година претставуваат сопствени конвертибилни системи, нудејќи им на луѓето поголем избор преку трансформација на нивните системи од моќни таблети на допир во веќе традиционални ултрабук-системи.

• Најавата на Интел за новата линија на Intel Core процесори со ниско ниво на енергетска потрошувачка. Оваа технологија значително ќе ја намали потрошувачката на енергија на новата линија производи, почнувајќи од четвртата генерација на Intel Core процесори која треба да се појави следната година. На keynote-предавањето кое на 11 септември ќе го одржи лично Дејвид Перлмутер, извршен потпретседател, генерален менаџер, Intel Architecture Group и главен производен службеник (executive vice president, general manager, Intel Architecture Group and chief product officer), меѓу останатото ќе стане збор токму за оваа новина и за тоа на кој начин Интел ќе го постигне ова ниво на ефикасност.

• Интерактивното користење на технологијата со употреба и препознавање на човечките особини во фокусот на годинешниот ИДФ. Имено, по гласовното командување и допирот, се равиваат нови начини на интеракција со вашиот компјутер. Тука се технологијата за препознавање на човечко лице, интеракцијата со гестикулација, гласовното процесирање – кога камерите и сензорите, меѓу останатото, ќе помогнат во контролирање на содржината на екранот на уште поинтерактивен и поперсонализиран начин.

• Транспарентно користење на технологијата. Новините со кои современите софтверски технологии ќе помогнат во изградбата на еден нов свет, во кој компјутерските уреди и оперативните системи веќе нема да претставуват бариери во корисничкото искуство ќе ги претстави Рене Џејмс.

• Иднината на безжичната технологија, која ќе ја претстави Џастин Ратнер, Intel chief technology officer.

• И уште многу повеќе...

Следете нè секојдневно за најновите случувањa од местото на настанот, Сан Франциско, од каде ќе известува главниот и одговорен уредник на ЕМИТЕР, Слободан Таневски. Подетален напис за овој настан, во следниот број на ЕМИТЕР.

 

Написов е оригинално објавен на порталот на ЕМИТЕР во септември 2012 година како Со ЕМИТЕР на "ИДФ 2012" во Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)

Поврзани написи од истиот настан:
"ИДФ Сан Франциско 2012" – нулти ден | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 1 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 2 | Емитер (emiter.com.mk)
"ИДФ Сан Франциско 2012" – Ден 3 | Емитер (emiter.com.mk)

Целосниот извештај од настанот може да прочитате во октомвриското издание на списанието ЕМИТЕР (10/2012) IDF 2012 Сан Франциско | Емитер (emiter.com.mk)

Клучни зборови: