Времето на термоелектраните на јаглен во Македонија брзо истекува и веќе во 2030 година производството на електрична енергија од јаглен ќе биде сведено на нула. Падот на производството ќе го забележиме уште во 2026 година, кога согласно со потпишаниот договор со ЕУ, односно нивниот ултиматум, треба да престане со работа ТЕЦ „Битола 1“. Но, дури и без овој договор, јагленот во рудникот „Суводол“ е при крај. Во рудникот „Брод-Гнеотино“ јаглен има, но со прилично послаб квалитет, додека експлоатацијата во рудникот „Живојно“ со подземен ископ најверојатно нема никогаш ни да започне. Во рудникот Осломеј јагленот исто така е при крај, а „мазутарата“ ТЕЦ „Неготино“ произведува толку скапа струја, што освен во зима и во крајна нужда воопшто не се исплати. Какви ни се тогаш алтернативите за домашно производство на електрична енергија?