Рубрика: Информатика
Што е Rumble и зошто Google има проблем со него?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.05.2024 - 14:15

Сем ако не сте живееле под камен, веројатно сте слушнале за Rumble којшто, барем кај нас, се перципира како алтернатива на YouTube. Но колку е ова точно? Што всушност нуди платформата? Кои се нејзините предности и недостатоци во однос на добро познатиот YouTube? Па, да тргнеме со ред...
 

Основачот на Rumble, Крис Павловски (по потекло од Македонија, ако се прашувавте smiley) увидел дека Google на неговата платформа за споделување видео содржини, YouTube им дава приоритет на влијателите, запоставувајќи ги независните креатори на содржини. Поттикнат од ова тој ја гради својата нова платформа како алтернатива што ќе даде подеднакви можности и за независните влогери и за помалите креатори на содржини.

Rumble официјално започнува со работа во 2013 година, најнапред како веб-сајт но потоа станува достапна и како мобилна апликација за Android и iOS. Од 2021 до денес, апликацијата Rumble прерасна во мултимилионска корпорација која поттикнува неутрална размена на идеи и мислења. Овој став го направи популарен поради неговите минимални прописи за содржина. Иако во раните години платформата бележи ограничена популарност, тоа драстично се промени последниве години, делумно со почетокот на пандемијата на ковид во 2020 година (а во САД и откако Трамп ги загуби претседателските избори). Месечните посетители на Rumble се зголемија од 1,6 милиони во 2020 година, на 31,9 милиони до крајот на 2021 година и пораснаа на околу 80 милиони активни корисници во следните две години.

Овој бум на популарноста веројатно првично се должеше на бранот цензури што ги “загади” популарните платформи како YouTube, Facebook, Twitter при што беа укинати повеќе популарни кориснички сметки со назнака дека шират омраза, дезинформации и мисинформации, или пак нивните сопственици беа (или сѐ уште се) под истрага за можно прекршување на законот надвор од платформата. Така, на пример, укинати беа сметките на Доналд Трамп, Расел Бренд, Џејмс Кори... и добар дел од нив се преселија токму на Rumble.

Според нивната веб-страница, Rumble велат дека се „имуни на кансел-културата“ и дека нивна цел е „да го вратат интернетот на своите корени со тоа што повторно ќе го направат бесплатен и отворен“. Павловски ја опишува неговата платформа како „неутрална“. Па, оттука не чуди што многу од сметките што беа затворени на мејнстрим платформите свое прибежиште најдоа на Rumble.

Најпопуларните сметки на платформата ги водат поединци, а не организации, а една четвртина од овие креатори биле забранети или демонетизирани на другите социјални медиуми, според анализата на Pew за 200 високо следени сметки. Од јуни 2022 година, околу 80% сметки им припаѓале на поединци, додека 20% биле на организации.

Rumble е бесплатен за користење, но во 2021 година го купи Locals, платформа која им овозможува на корисниците на Rumble да купуваат претплати за пристап до ексклузивна содржина од заедниците на креатори.

Како што кажавме, од Rumble велат дека се противат на цензурата и се гордеат дека се една од ретките „неутрални“ и „независни“ платформи. Минатата година, тие (заедно со уште два тужители) го оспорија законот за онлајн говор на омраза во Њујорк барајќи од федералниот суд да го прогласи законот за неуставен како „нејасно“ дефиниран и со „преширок“ опсег на толкувања.

Платформата е лесна за користење и интуитивна. Ако го користите YouTube за прегледи или како креатор, сигурно нема да имате проблем ако се решите да го посетите и користите Rumble. Изгледот во веб-прегледникот и кај смартфон апликацијата се мошне слични со постариот роднина YouTube, па тука нема да ве замараме со баналности од типот “кликнете тука или таму за ова или она”, можеби во некоја друга прилика. Но, знајте дека платформата има свои правила на користење што сепак поставуваат некои ограничувања за содржината што се постира. Во 2022 година, Rumble предложи политики кои им забрануваат на креаторите да ја користат платформата за поттикнување на незаконско однесување, навреда, следење, вознемирување и дискриминација. Па така, освен порнографија, расизам, антисемитизам, како и некоја од другите широко прифатени црвени линии за проблематична содржина, сè друго оди е слободно “за циркулација” под превезот на слободата на говорот.

Она што секако ќе ве интересира е политиката за монетизација на видео содржините и можноста да генерирате приходи од поставените видеа.  Заедно со четири други јазичиња во главниот интерфејс, Rumble има „препорачани канали“ што треба да се следат и таб „Заработка“ во неговиот интерфејс. Rumble ги дели приходите со креаторите на содржини врз основа на тоа колку видеото се прикажува. Ако видеото го користел партнер или се генерирале прегледи преку рекламирање, креаторот ќе заработи дел од приходот. Корисниците можат да ги монетизираат своите видеа преку рекламирање, спонзорски договори и други приливи преку учество во програмата за партнерство на Rumble. Секако, има уште специфики за тоа како може да се заработи на Rumble, но за тоа во некоја друга прилика.

За крај и две тазе новости:

Rumble поднесе тужба – во која бара отштета од 1 милијарда долари – против Google за незаконско користење на неговата технолошка предност за манипулирање и спречување на популарната платформа за споделување видеа да се натпреварува како рекламна технолошка конкуренција. Во тужбата се наведува дека Google ја злоупотребил својата позиција за да го лиши Rumble од генерирање на приходи од реклами што би тежеле милијарди американски долари.

Во жалбата се вели: „Гугл ги искористува значајните конфликти на интереси кои произлегуваат од неговите повеќекратни улоги на овој електронски пазар за тргување. Како резултат на тоа, тој е во состојба да прибере надконкурентен дел од секој долар за рекламирање што минува низ Ad Tech пазарите што тој ги контролира, приходите од реклами кои вистински им припаѓале и требале да им се пренесат на издавачи како Rumble и неговите креатори на содржина.

Google стана озлогласен по своето агресивно и силеџиско однесување кон потенцијалните конкуренти. Во 2021 година, Rumble поднесе посебна антимонополска тужба во која се тврди дека Гугл го фаворизира YouTube во резултатите од пребарувањето како и во оперативниот систем Андроид. Во 2022 година, судот во Калифорнија одлучи дека тужбата може да продолжи, но парницата е сѐ уште во прелиминарните фази на истражување.

Втората вест се однесува на основачот на компанијата Rumble, Крис Павловски. Имено, во петок во 13 часот и 30 минути, во просториите на Кинотека Македонија, Интернационалниот универзитет Еуропа Прима ќе го прогласи Крис Павловски за почесен доктор на науки во областа на дигиталната комуникација. Настанот е отворен за публика, така што сите што сакаат да присуствуваат на овој свечен чин се добродојдени.    

 

Клучни зборови: