Каменото доба, во поширока смисла, остана назнака за оној делот од човечката историја во кој сѐ уште сме биле ловци-собирачи, пред развојот на технологиите за топење метали ште ќе овозможат целосна трансформација на нашите општества во постојани населби. Но, една нова студија објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences предлага дека терминот “камено доба“ можеби е погрешен.
Во 1836 година данскиот антиквар Кристијан Јиргенсен Томсен прв ги предложил поделбите на праисторијата со основната хронологија: камено време, бронзено време и железно време, кои се усвоија и станаа дел од нашето разбирање за човечкиот развој. Оттогаш до денес, поголемото разбирање на древните општества довело до дополнувања во формулата на Томсен. Па така, каменото доба доби своја поделба на палеолит (или старо камено време), мезолит (средно камено време) и неолит (ново камено доба). Покрај ова историчарите го додадоа и бакарното доба, со географски центар во источниот Медитеран. Вреден наод од ова доба е ледениот човек Еци, на пример.
За разлика од каменот, дрвото не старее добро. Дрвените предмети пропаѓаат во текот на илјадници години. Но, неодамна беа откриени илјадници дрвени артефакти од далечното минато на човекот.
Осум копја пронајдени во Шенинген, Германија. Фото: Minkusimages; Матијас Фогел, НЛД
Локалитет Шенинген во Германија, лоциран на околу 170 километри западно од Берлин, се покажал особено богат со наоди од дрбо. Во последните 30 години, археолозите открилке речиси 200 древни дрвени артефакти кои датираат од пред околу 300 000 години.
Но, во Африка и на Блискиот Исток се пронајдени се и постари дрвени артефакти изработени од древните луѓе, артефакти кои датираат од пред 780 000 години. Има дури и индиректни докази, во вид на абење со употреба на човечки камени алатки, кои укажуваат на тоа дека нашите предци го обработувале дрвото пред 1,5 – 2 милиони години. Па, можеби оттаму и предлогот дека каменото доба би било поправилно да се преименува во дрвено доба.
Авторите на новата студија користеле скенирање со компјутерска томографија за да покажат дека дрвените алатки пронајдени во Шенинген не биле само наострени стапови, туку „технолошки напредни алатки“ кои се користеле за фрлање, па дури и за риболов.
Нивното датирање се совпаѓа со фазата на човековата еволуција – приближно со исто време кога се појавуваат анатомски модерните луѓе (Хомо сапиенс) и неандерталците, кои се забележува и пораст на големината на човечкиот мозок. Според научниците, ова можеби се должи на употребата на овие напредни дрвени алатки. Оттаму, дали можеби е подобро овој период да се нарече „дрвено доба“?
Идејата и не е баш сосема нова. Еден труд објавен во списанието Endeavour пред речиси 40 години, насловен како „Неолитот или дрвеното доба“, уште тогаш предлага редефинирање на терминот.
„Иако во многу услови лесно се распаѓаат, дрвените артефакти од неолитот [периодот пред 12 000 – 4 200 години] се извонредно добро сочувани во тресетните мочуришта и езера. Навистина, со оглед на големиот број и квалитетот на наодите, времето на неолитот доба може подеднакво да се нарече и доба на дрвото“, пишуваат авторите во трудот од 1985 година.
Иако дрвото не се зачувува подеднакво добро како каменот, се чини дека зголемениот број наоди и софистицираноста на дрвените алатки од пред стотици илјади години укажува дека каменот не бил единствениот материјал што нашироко се користел и во т.н. камено доба.