Рубрика: Медицина
Дали лек како Оземпик може да помогне во лекување на зависностите од алкохол, опиоиди или други супстанции?
Објавено на 14.05.2024 - 16:15

Семаглутидот (којшто се продава како Ozempic, Wegovy и Rybelsus) првично бил развиен за лекување на дијабетесот. Работи на тој начин што го стимулира создавањето на инсулин за да го контролира нивото на шеќер во крвта. Овој тип на лек сѐ почесто се препишува за слабеење, и покрај тоа што првично е одобрен за друга намена. Неодамна се појави зголемен интерес за една друга негова можна употреба: за лекување на зависност.

Кажувањата од пациенти кои земале семаглутид за слабеење укажуваат дека лекот го намалил нивниот апетит и желбата за храна, но изненадувачки, се чини дека истовремено ја намалил и нивната желба за пиење алкохол, пушење цигари или злоупотреба на други супстанции. Но, дали доказите од истражувањата го потврдуваат ова?

 

Студиите на животни даваат позитивни резултати

Семаглутидот делува на рецепторите од пептид-1 слични на глукагон и е познат како „GLP-1 агонист“. Испитувањата спроведени врз животни (глодари и мајмуни) биле со огромно мнозинство позитивни. Студиите укажуваат дека GLP-1 агонистите можат да ја намалат консумпцијата на дроги како и нивниот награден ефект, тука вклучувајќи ги и алкохолот, никотинот, кокаинот и други опиоиди.

Надворешен тим ги разгледал доказите и открил дека се спроведени повеќе од 30 различни предклинички испитувања. Мнозинството од нив покажале позитивни резултати во намалување на конзумирањето на дрога и алкохол или желбата за нивно земање. Повеќе од половина од овие студии се фокусираат конкретно на употребата на алкохол.

Сепак, преведувањето докази од истражувања спроведени со животински модели на луѓе кои живеат со зависност претставува нов предизвик. Иако овие резултати се ветувачки, сè уште е рано да се каже дали лекот ќе биде безбеден за употреба и ефикасен кај луѓето со нарушувања од типот на злоупотреба на алкохол, зависност од никотин или други зависности од дрога.

 

Какви се, пак, истражувањата во кои учествувале со луѓе?

Наодите од истражувањата во кои учествувале луѓе се мешани. Досега е спроведено само едно големо рандомизирано контролирано испитување во врска со злоупотребата на алкохол. Оваа студија спроведена на 127 луѓе не открила разлика помеѓу употребата на егзенатид (exenatide, агонист на GLP-1) и употребата на плацебо (лажен третман) во намалување на злоупотребата на алкохол или прекумерното пиење во текот на 26 недели. Всушност, сите во студијата го намалиле пиењето, и луѓето кои земале активни лекови и оние од групата со плацебо.

Сепак, авторите спроведле дополнителни анализи за да ги испитаат промените во пиењето во однос на тежината. Тие откриле дека има намалување на пиењето кај луѓе кои имале и проблеми со употребата на алкохол и со дебелината.

За луѓето кои започнале со нормална тежина (БМИ помала од 30), и покрај првичните намалувања на пиењето, тие забележале повторно зголемување на нивото на прекумерно пиење по изминати четири недели од  терапијата со лекови, со севкупно зголемување на деновите со прекумерно пиење во однос на оние кои земале плацебо. Помеѓу групите со другите мерки за пиењето, како, на пример, потиснување на желбата, не биле детектирани суштински разлики.

Во едно друго 12-неделно испитување, истражувачите откриле дека агонистот GLP-1 дулаглутид не помага во намалување на пушењето. Меѓутоа, луѓето кои примале GLP-1 агонист дулаглутид пиеле 29% помалку алкохол од оние со плацебо. Над 90% од луѓето во оваа студија биле и гојазни.

Некои помали студии ги разгледале краткорочните агонисти на GLP-1 за кокаин и опиоиди, со мешани резултати.

Во моментов во тек се повеќе различни клинички студии за GLP-1 агонистите и алкохолот и другите нарушувања кои предизвикуваат зависност. Додека ги чекаме наодите од поголемите студии, тешко е да се протолкуваат спротивставените резултати. Овие разлики во успешноста на третманот можеби потекнуваат од индивидуалните разлики кои влијаат на зависноста, вклучително и физичките и менталните здравствени проблеми.

Поголемите студии спроведени кај поширока популација на луѓе ќе нѝ кажат повеќе за тоа дали агонистите на GLP-1 ќе делуваат врз зависноста, и ако е тоа така, кај кого.

 

Како овие лекови можат да делуваат на зависноста?

Точниот начин на којшто GLP-1 агонистите дејствуваат сè уште не е добро разбран, но се чини дека тие освен што ја намалуваат консумпцијата (на храна или дроги), тие исто така може да ја намалат желбата.

Студиите спроведени на животни покажуваат дека GLP-1 агонистите ја намалуваат желбата за кокаин и опиоиди. Ова можеби вклучува еден клучен дел од колото за награда во мозокот – вентралниот стриатум, при што експериментаторите покажале дека со директна администрирација на GLP-1 агонисти во овој регион, стаорците покажувале намалување на „копнежот“ за оксикодон или кокаин, можеби со намалување на лачењето на допамин под дејство на дроги.

Со снимање на човечкиот мозок, експериментаторите покажале дека можат да предизвикаат желба со прикажување слики (индиции) поврзани со алкохол. GLP-1 агонистот, егзенатид, ја намалувал активноста на мозокот како одговор на прикажаниот алкохол. Истражувачите забележале намалена мозочна активност во вентралниот стриатум и септалните области на мозокот, кои се поврзуваат со регионите што ги регулираат емоциите, каков што е амигдалата.

Во испитувањата со луѓе, останува нејасно дали GLP-1 агонистите делуваат директно на намалување на желбата за алкохол или други дроги. Ова треба директно да се процени со идните истражувања, рака под рака со какво било намалување на злоупотребата.

 

Дали овие лекови се безбедни за употреба за третирање на зависност?

Сѐ на сѐ, GLP-1 агонистите се покажаа како релативно безбедни кај здравите возрасни лица и кај луѓето кои патат од дијабетес или гојазност. Сепак, несаканите ефекти вклучуваат гадење, дигестивни проблеми и главоболки.

И додека на некои луѓе не им пречи тоа што губењето на тежина доаѓа како несакан ефект, за други тоа не е така. Ако некој веќе пати од неухранетост (има недоволна тежина), на пример, овој лек можеби и не е соодветен за него.

Покрај тоа, многу малку студии се спроведени кај луѓе со нарушувања што вклучваат некој вид на зависност. Сепак, некои несакани ефекти може да претставуваат поголем проблем кај луѓето што патат од некој вид зависност. Неодамнешните истражувања, на пример, укажуваат на редок ризик од панкреатитис поврзан со GLP-1 агонисти, а луѓето кои имаат проблеми со злоупотребата на алкохол веќе имаат поголем ризик од ова нарушување.

Моментално се достапни и други третмани

Иако новото истражување за GLP-1 агонисти за зависност е возбудлив развој, треба да се направат многу повеќе истражувања за да се знаат ризиците и придобивките од овие GLP-1 агонисти за луѓето кои живеат со зависност.

Во меѓувреме, постоечките ефикасни лекови за зависност недоволно се препишуваат. Во Австралија, на пример, само на околу 3% од пациентите со зависност од алкохолим се препишуваат третмани со лекови од типот на налтрексон, акампросат или дисулфирам. Треба да се осигураме дека тековните третмани со лекови се достапни и дека здравствените работници знаат како да ги препишат за употреба.

Континуираната иновација во лечењето на зависностите е исто така од суштинско значење. Нашиот тим го води истражувањето кон други индивидуализирани и ефикасни лекови за алкохолна зависност, додека други истражуваат третмани за никотинска зависност, како и други видови на зависности од дрога.

 

 

Шалини Аруногири, психијатар за зависности, вонреден професор, Универзитет Монаш; Леи Вокер, Институт за невронаука и ментално здравје Флори и Роберта Анверса, Универзитет во Мелбурн

Оваа статија е преземена од The Conversation

Клучни зборови: