Новооткриената населба, стара 7000 години, е пронајдена во близина на реката Тамиш во североисточниот дел на Србија во регионот на Банат, околу 40 километри северозападно од Делиблатското Песочиште, во округот на селото Јарковац. Се работи за една од најголемите населби од доцното камено време пронајдени во оваа земја.
Српскиот дел од Банат е рамен и мочурлив, но во него се наоѓа и најголемата песочна површина во Европа – Делиблатското Песочиште, коe се простира на 300 km2 и кое некогаш билo дел од праисториска пустина.
Геофизичките податоци, кои покажуваат ровови и други структури под земја, откриваат населба која зафаќа површина од околу 11 до 13 хектари (110 000 –130 000 м2), област еквивалентна на околу 300 терени за кошарка.
Подготовки за геофизички истражувања на локалитетот во март 2024 година
Резултатите од геофизичките истражувања на досега непознатиот локалитет Јарковац. Артефактите најдени на површината укажуваат дека населбата веројатно припаѓала и на Винчанската култура и на Банатската култура
„Ова откритие е од извонредна важност, бидејќи во српскиот регион Банат речиси и да не се знае за некои поголеми населби од доцниот неолит“, вели водачот на тимот Мартин Фурхолт од германскиот универзитет во Кил, во соопштението за печат.
Пронајдените артефакти укажуваат дека населбата ѝ припаѓала на Винчанската култура, која опстојувала во периодот од 5400 до 4500 година п.н.е. и која е една од најнапредните култури во југоисточна Европа од времето на неолитот (12 000 – 4 200 година п.н.е.).
Модел на тркало од локалитетот Шилваш во Унгарија, кој може да ѝ се припише на Вучедолската култура (3000/2900-2500/2400 п.н.е.).
Симболите од Винча се можеби најстарите примери на пишување во светот, тие му претходат на сумерското писмо за речиси 400 години. Банатската населба вклучува и силни влијанија од локалната култура од истиот период.
„Ова е исто така извонредно, бидејќи во денешна Србија се познати само неколку населби со материјал од Банатската култура“, објаснува Фин Вилкс, докторанд, исто така од Универзитетот во Кил.
Тимот спровел теренски истражувања и на неолитските локалитети во Унгарија. Кружните карактеристики наречени рондели, од периодот 5000 – 4400 г. п.н.е., биле проучувани со помош на геофизиката, но и со пешачки истражувања на околните области. На овој начин староста на поедини локалитети можела да се одреди многу подобро.
Карта на локалитетите кои беа истражувани како дел од пролетната кампања во март 2024 година.
„На пример, местата кои претходно беа категоризирани како кружни ровови од доцниот неолит се покажа дека биле многу помлади структури“, објаснува Ката Фурхолт археолог од Универзитетот во Кил.
„Југоисточна Европа е мошне важен регион во насока на добивање одговори на прашањето како знаењето и технологиите се ширеле во раните периоди од човечката историја и како тоа било поврзано со социјалните нееднаквости“, додава Мартин Фурхолт. „Овде новите технологии и знаења, како што е обработката на метал, првпат се појавиле во Европа. Со новооткриените и прекласифицираните локации, собираме важни податоци за подобро разбирање на социјалната нееднаквост и трансфер на знаење“.