Една група астрономи од Иницијативата за истражување на орбитите на галактичкиот центар при Универзитетот на Калифорнија (UCLA), под раководство на професорката по астрофизика Андреа Гец (Andrea Ghez), открила непознат вид космички објекти во центарот на нашата галаксија, недалеку од супермасивната црна дупка Стрелец (Sagittarius) која е 4 милиони пати помасивна од нашето Сонце. Откритието било направено од опсерваторијата Кек лоцирана на Хавајските острови. Според групата, она што објектите ги чини невообичаени е тоа што тие во нивната орбита најголем дел од времето изгледаат стабилни и компактни, меѓутоа кога ќе се приближат до супермасивната црната дупка тие се деформираат растегнувајќи се.