На 1 jуни оваа година, во Националната установа библиотека “Григор Прличев” во Охрид, се одржа првото стручно предавање од областа на информатиката и вештачката интелигенција замислено како патување во времето што започнува некаде од средината на 50-тите години на минатиот век, па сè до денес. Автор и предавач беше вероjатно најголемиот авторитет во нашата држава за вештачка интелигенција – проф. д-р Анис Сефиданис од Охрид.
Д-р Анис Сефиданис е професор на факултетот за применети информатички науки, машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” во Охрид. Претходно раководел со функцијата декан на Факултетот за информатика на Европски Универзитет во Скопје, а предавал и како визитинг професор на Воената академија “Генерал Михаило Апостолски” во Скопје. Д-р Сефиданис е автор на повеќе книги од областа на информатиката, меѓу кои и “Препознавање на облици со помош на машинско учење”, а основач е и на Институтот за експоненцијални технологии. Покрај ова тој е и редовен стручен соработник на единственото списание за популаризација на науката и техниката во Македонија – ЕМИТЕР.
Големото искуство во науката и респектабилното искуство во практично имплементирање на науката, испреплетено со учество во низа сложени проекти и задачи, резултира со извонредно вредно научно-популарно предавање, кое е едно од низата во јунскава сесија од предавања што ќе се одржат на три локации во Охрид. Јас присуствував на првото предавање коешто ја одушеви полната предавална – Прличевата одаја во рамките на НУ библиотека “Григор Прличев” во Охрид.
Темата на предавањето беше “Духот од електронската ламба” кој како невидлива енергија и супстанца метаморфозира во својот развој сè до вештачката интелигенција која е само една попатна станица до бескрајот. Вредно и посветено, Д-р Анис Сефиданис ги има собирано и средувано експонатите претставени на изложбата, од најраните претставници на електронските ламби на ИБМ од педесеттите години на минатиот век, па сè до модернивe, најнови сетови на интегрирани кола со повеќе хетерогени јадра, кои оперираат со екстремно висока фреквенција и паралелност. Со помош на мобилна апликација која користи проширена реалност, посетителите имаат можност да дознаат повеќе за историјата, архитектурата и примената на секој изложен артефакт. А приказната за развојот на овие хардверски седишта на вештачката интелигенција низ времето беше и во сржта на предавањето.
“Се наоѓаме во предвечерието на четвртата индустриска револуција, каде што вештачката интелигенција се очекува да го трансформира секој сегмент од нашиот живот, на еднаков или сличен начин како што тоа го направи електричната енергија”, вели д-р Сефиданис.
Повеќеслојниот дух на самиот предавач доаѓаше до израз низ целото предавање, со прекрасни паралели и споеви од нашето секојдневие, од речиси сите области на човековото битие – социологија, историја, религија, филозофија, антропологија итн. Интерактивното предавање беше спакувано во речиси 2 часа во коишто ние, прусутните, добивме увид во тоа како компјутерот функционира во својата најинтимна бит, како елегантно се зачнува и раѓа вештачката интелигенција и кои се новите предизвици со кои ќе се соочиме како човештво.
Инаку активни учесници во настанот беа и ученици од трета година во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“од Охрид заедно со својот ментор.
Предавањето проследено и со уникатната изложба може да се погледне на три локации во Охрид и тоа: од 1 до 3 јуни во НУ библиотека “Григор Прличев”, на 6 и 7 јуни домаќин е Центарот за култура “Григор Прличев” и од 8 до 10 јуни на Универзитетот “Св. Апостол Павле”.