Во 2019 година, загадувањето e причинител на 9 милиони смртни случаи ширум целата планета. Станува збор за еден од 6 смртни случаи, ситуација споредлива со резултатите од анализата спроведена во 2015 година. Во извештајот објавен неодамна во The Lancet Planetary Health, иако има намалување на смртните случаи поради „извори на загадување поврзано со екстремна сиромаштија“ (на пример поради загадување на водата), истовремено е забележан пораст на смртните случаи причинети од индустриско загадување, особено како последица на присуството на одредени хемикалии.
И покрај многубројните истражувања кои покажуваат како загадувањето има мошне сериозни ефекти врз здравјето на луѓето од 2015 година до денес вниманието и средствата за борба против него се зголемија во многу мала мера. Според Ричард Фулер, главен автор на споменатиот труд: „Загадувањето е сè уште најголема закана за човековото и планетарното здравје, до степен на загрозување на одржливоста на современите општества“. Според него, доколку поработиме на забавување на загадувањето на воздухот би оствариле и дополнителна придобивка во вид на намалување на стапката на растот на глобалната температура.
Скопје обвикано во облак од смог и магла (фото: © Skopje Smog Alarm)
Од 9 милиони смртни случаи, регистрирани во 2019 година, што му се припишуваат на загадувањето, 5,67 милиони настанале како последица на загадениот воздух, којшто е одговорен и за најголемиот број смртни случаи. Загадувањето на водата, од друга страна, е одговорно за 1,36 милиони предвремени смртни случаи. Присуството на олово во животната средина придонело за 900 000 смртни случаи, додека 870 000 луѓе починале од проблеми поврзани со други токсични материи. Конечно, други смртни случаи се припишуваат на загадувањето во домашни услови, како на пример она од употребата на дрва за греење или за готвење.
Иако оваа ситуација сама за себе е застрашувачка, таа дополнително се јавува и како причина за огромни економски загуби, кои во 2019 година биле проценети на околу 4 000 милијарди евра, што е еднакво на 6,2 отсто од глобалното економско производство. Авторите на студијата по заклучокот даваат низа препораки и повикуваат на создавање независна научна/политичка група за загадување, нешто налик на слична на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), којашто би можела да даде насока и да воспоставувајќи контролни тела за мониторинг во сите земји.
„Загадувањето, климатските промени и загубата на биолошката разновидност“, објаснува Рејчел Купка, коавтор и извршен директор на Глобалната алијанса за здравје и загадување, „се тесно поврзани. Несомнено е дека ефективната контрола на овие закани бара глобално поддржана научно-политичка соработка којашто соодветно ќе информира, влијание врз истражувањата и ќе поттикнува нивно финансирање. Досега“, заклучува Купка, „на загадувањето се гледаше како на локален проблем што треба да се реши преку националните регулативи. Но, сега е јасно дека се работи за закана на планетарно ниво, чиишто ефекти врз здравјето ги надминуваат локалните граници и бараат глобален одговор“.