За време на непрекинатите радиотелескопски набљудувања на спиралната галаксија позната како NGC 2082, австралиските астрономи открија мистериозен јасен и компактен радиоизвор, што ја доби ознаката J054149.24–641813.7. Потеклото и природата на овој извор се непознати и потребни се дополнителни истражувања за да се открие. Наодот беше пријавен во трудот објавен на 23 мај на претпринт серверот arXiv.
Општо земено, извори на радиосигнали во универзумот може да бидат повеќе различни објекти кои емитуваат релативно големи количини на радиобранови. Меѓу најсилните извори на една таква емисија се пулсарите, одредени типови маглини, квазарите и радиогалаксиите.
Австралискиот астрономски тим извести за пронаоѓањето на нов извор на радиосигнал, чијашто вистинска природа сè уште е неизвесна. Додека го набљудувале NGC 2082 со помош на радиотелескопите ASKAP (Australian Square Kilometer Array Pathfinder), ATCA (Australia Telescope Compact Array) и Паркс, тие идентификувале точка на силен извор на радиосигнал позиционирана на 20 лачни секунди од центарот на галаксијата. NGC 2082 е спирална галаксија од типот G, сместена во соѕвездието Дорадо и оддалечена околу 60 милиони светлосни години од Земјата, со пречник од околу 33 000 светлосни години.
Тробојна HST слика на NGC 2082 прекриена со контурите на ASKAP и ATCA. Вметнатата слика во долниот лев агол обезбедува зум врз J054149.24–641813.7, покажувајќи отсуство на било каков оптички пандан.
„Ги презентираме непрекинатите радиотелескопски набљудувања на NGC 2082 спроведени со помош на телескопите ASKAP, ATCA и Паркс во радиобрановото подрачје од 888 MHz до 9 000 MHz. На околу 20 лачни секунди од центарот на оваа блиска спирална галаксија, откривме светол и компактен радио извор, J054149.24–641813.7, од непознато потекло“, пишуваат истражувачите во трудот.
Студијата покажа дека сјајот на радиосигналот J054149,24–641813,7 на 888 MHz е на ниво од 129 EW/Hz и дека има рамен радио спектрален индекс (околу 0,02). Ова, според астрономите, не го одобрува сценариото во кое J054149.24–641813.7 може да биде остаток од супернова (SNR) или пулсар, што укажува на тоа дека изворот може да има термичко потекло.
Истражувачите забележуваат и дека компактната природа на J054149.24–641813.7 и неговата локација на периферијата на NGC 2082 потсетуваат на некои од изворите на брзи изблици на радиосигнали (Fast Radio Bursts – FRB). Сепак, резултатите укажуваат на тоа дека сигналот J054149.24–641813.7 веројатно не е доволно светол за да биде постојан радио извор со вграден FRB прогенитор.
Астрономите заклучуваат дека најверојатната преостаната можност е дека J054149.24–641813.7 е некој екстрагалактички заднински извор – квази-ѕвезден објект односно квазар(QSO), радиогалаксија или активно галактичко јадро (AGN). Тие додаваат и дека оваа хипотеза ја поддржуваат рамниот спектрален индекс заедно со слабата поларизација на 5 500 и 9 000 MHz. Сепак, во моментов нема податоци за апсорпцијата на неутрален атомски водород (HI) со висока резолуција за NGC 2082, што би можело да ја потврди оваа претпоставка.
„Откривме дека веројатноста да се најде таков извор зад NGC 2082 е P = 1,2 проценти, и заклучуваме дека најверојатното потекло за J054149.24–641813.7 е некој заднински квазар или радиогалаксија“, објаснуваат авторите на трудот.