Со масовната градба на фотовонапонски електрани во наредните години (не само кај нас, туку и во Европа), гладот за енергија на пладне ќе се намали. Со други зборови, дури и да увезуваме, преку ден цената нема да биде превисока. Можеби дури ќе се создадат и услови за повторно воведување на евтина дневна тарифа. Но, ова истовремено е лоша вест за инвеститорите во фотоволтаични електрани...
На дијаграмот на сликата е прикажано движењето на цената на електричната енергија во текот на денот (црвената линија, со часовно усреднување), производството на електрична енергија од НЕобновливи извори (нуклеарни и термоелектрани - сивата површина) и производството од обновливи извори (фотонапонски, хидро и ветерни електрани - зелената површина). Дијаграмот важи за Германија во периодот од 30.5 до 2.6.2022 година.
Се гледа дека делот од обновливи извори има максимум околу пладне, а минимум ноќе, што значи дека најголемиот дел доаѓа од фотонапонските електрани. Преку ноќта сé уште има енергија од обновливи извори и тоа од хидроелектрани и ветерни електрани.
Во Германија, во текот на денските часови (точка 3 на дијаграмот), благодарение на фотонапонските електрани, не само што се задоволува дневниот пораст во потрошувачката на електрична енергија поради работа на индустријата, туку има дури и извесен вишок, благодарение на што преку ден може да се поднамали производството од необновливи извори (гледаме пад кај сивата линија). Истовремено, денски цената на електричната енергија драматично се намалува (точка 4 на дијаграмот), што значи дека фотоволтаиците вршат одлична работа. Без нив цената, наместо минимум (во точка 4) би имала максимум! Патем, гледаме дека во Германија преку ден производството од обновливи извори (претежно фотоволтаици) дури го надминува производството од необновливи извори (термо и нуклеарни електрани).
Покрај денскиот минимум на цената (во точка 4), има уште еден минимум, пред зори (точка 5 на дијаграмот). Тој се јавува поради малата потрошувачка на електричната енергија ноќе, за разлика од падот на цената од големото производство од фотоволтаици дење.
Како што гледаме, цената на електричната енергија има два максимуми во текот на деноноќието, а тоа се утринскиот врв (точка 1) и вечерниот врв (точка 2). Иако во тие временски периоди индустријата не работи, поради падот на производството од фотоволтаици (истовремено растот на производството од необновливи извори - термо и нуклеарни електрани), во комбинација со прибирањето на луѓето дома, доаѓа до пораст на цената.
Оттука следи еден многу важен заклучок. Доколку немаше големо производство од фотоволтаици, во денските саати, при драматичен раст на побарувачка од страна на индустријата, цената наместо минимумот (во точка 4) би имала максимум, а цената би изнесувала наместо 150-170 EUR/MWh - најмалку 300 EUR/MWh. Овие цени важат деновиве, а лани изнесуваа максимално 80 EUR/MWh.
Што гледаме друго, односно што ни кажува црвената линија во иднина, десно од крајот на зелената површина? Тоа е договорената цена за ден однапред. Како што гледаме, таа не е константна, бидејќи сите знаат (производителите и потрошувачите) колкава ќе биде побарувачката од саат во саат, па соодветно се формира и цената.
На пример, точките 2' и 3' отсега предвидуваат колкава ќе биде цената наутро и навечер, поради малото производство од фотоволтаиците и зголемената потрошувачка. Од друга страна, точките 4' и 5' ги опишуваат дневниот пад на цената од зголеменото производство од фотоволтаици (4') и падот на цената во зорите поради падот на побарувачката, т.е. потрошувачката (5').
Доколку постоел евтин начин да се складира електричната енергија од фотонапоснките електрани, графикот на цената би бил речиси рамна линија во текот на едно деноноќие – но тоа не е така.
Што значи сето ова за Македонија? Со масовната градба на фотонапонски електрани во наредните години (не само кај нас, туку и во Европа), гладот за енергија на пладне ќе се намали. Со други зборови, дури и да увезуваме, преку ден цената нема да биде превисока. Можеби дури ќе се создадат и услови за повторно воведување на евтина дневна тарифа.
Но, ова истовремено е лоша вест за инвеститорите во фотонапонски електрани. За време на сончевите часови во текот на денот, поради вишокот на производство и понуда на пазарот, приходот и добивката што тие ќе ги остваруваат ќе биде минимален. Читајќи дека моментално приватните инвеститори чекаат дозволи за инсталација на илјадници (!) мегавати во фотоволтаици, при такви ниски цени во иднина, па уште ако се задолжат со кредити – не им се пишува добро.
Да се потсетиме: освен првите инвеститори, коишто се обезбедиле со договори за повластена цена во текот на 15 години, новите инвеститори ќе зависат од милоста и немилоста на пазарот, а со зголемувањето на понудата во наредните години, како и со нормализација на пазарот на природен гас, прашање е колку и дали ќе им остане профит. Особено ако во меѓувреме се покачат и каматните стапки на заемите коишто ги зеле за изградба на нивните фотоволтаични електрани. Пред донесување на одлуката за инвестирање, потребно е да се направат пресметки на исплатливоста при неколку сценарија за идната цена не електричната енергија и каматните стапки, за утре да не се случи непријатно изненадување и разочарување.