Рубрика: Медицина
Т-клетките бараат одмор и нега
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.05.2022 - 14:30

Т-клетките, како што нè учат учебниците по биологија, се војници на имунолошкиот систем, постојано подготвени да одговорат на различни закани, од вируси до тумори. Сепак, без одмор и нега, Т-клетките можат да умрат и да ги остават своите домаќини поподложни на патогени. Ова го открива новата студија спроведена од научници од Јеил што беше објавена минатата недела во списанието Science.

Сè додека не ги откријат патогените, Т-клетките остануваат во мирна состојба. Но, молекуларните механизми кои ги одржуваат Т-клетките неактивни претходно беа непознати.

Во новата студија, истражувачите од Јеил покажуваат дека протеинот познат како CD8a, кој се наоѓа во подгрупата на Т-клетки наречени CD8-клетки, е од клучно значење за одржување на клетките во оваа неактивна состојба. Кога научниците го избришале овој протеин кај глувците, заштитните CD8 клетки не можеле да влезат во мирна состојба и одумреле, оставајќи го домаќинот ранлив на инфекции.

Тие идентификувале и еден друг протеин, PILRa, кој го обезбедува биохемискиот сигнал до CD8a. Со нарушување на овој протеински пар, и „мемориските“ CD8 клетки, клетките коишто претходно биле изложени на патогени, и "наивните" T-клетки (клетки – прекурзори) одумреле затоа што ја изгубиле способноста да останат во мирна состојба.

Истражувачите се надеваат дека разбирањето зошто оваа состојба на одмор е клучна за одржување и опстанок на Т-клетките може да доведе до подобрување на функцијата на имунолошкиот систем.

Како што луѓето стареат тие постепено почнуваат да ги губат и "наивните" и мемориските Т-клетки, со што постарите лица стануваат поподложни на инфекции. Сосема веројатно е дека неможноста на Т-клетките да останат во мирна состојба можеби води кон тоа луѓето да станат поподложни на инфекции и на рак, укажуваат авторите на студијата.

Клучни зборови: