Структурата на универзумот не ја сочинуваат случајно расфрлани објекти, како што тоа изгледа на прв поглед, туку гледано во крупен размер, таа е составена од мрежа од “конци” (filaments), на кои како монистри се “нанижани” галактичките јата обвиткани со гас, а помеѓу тие “конци” се наоѓаат огромни празнини, така што целата таа конфигурација наликува на мрежа од пајажина, па космолозите така и ја нарекле “космичка пајажина” (cosmic web). Ваквата структура на универзумот астрономите ја осознаваат индиректно, со набљудување на многу далечни светлински извори, при што забележале дека светлината од тие извори покажува “шума” од водородни апсорпциски линии, всушност пајажински конци, коишто патем ја пресретнуваат таа светлина.