Многумина се плашат од падот на когнитивните способности и на расположението, коишто честопати се јавуваат при достигнување на напредната возраст, тука вклучувајќи ги и нарушувањата на меморијата какви што се Алцхајмерова болест и состојбите на промена на расположението како депресија. Во потрага по нови начини за спречување или лекување на овие и други поврзани состојби, тим од Медицинскиот колеџ Бејлор и од Институтот за невролошки истражувања Јан и Дан Данкан (Данкан НРИ) при детската болница во Тексас идентификуваа како меморијата и расположението се одржуваат и регулираат во мозокот.
Нивното истражување, чиишто резултати беа неодамна објавени во Proceedings of the National Academy of Sciences, открива дека олеинската киселина произведена во мозокот е суштински регулатор на процесот што го овозможува учењето и меморијата и ја поддржува соодветната регулација на расположението. Откритието отвора пат кон откривање на потенцијални нови терапевтски стратегии за спречување на когнитивниот пад и падот на расположението кај пациентите со невролошки нарушувања.
Како што појаснува еден од авторите учесници во проектот, д-р Мирјана Малетиќ-Саватиќ, вонреден професор по педијатрија-неврологија во Бејлор и Тексас за деца и истражувач во НРИ Данкан, “до пред неколку години, научниците сметаа дека мозокот на возрасните цицачи не може да се поправи и регенерира. Но, истражувањата потоа покажаа дека некои мозочни региони имаат капацитет да генерираат нови неврони, во процес наречен неврогенеза. [види тука] Регионот на хипокампусот кај возрасните цицачи има постојан капацитет за формирање нови неврони, со што се поправа и регенерира, овозможувајќи учење и регулација на меморијата и расположението за време на животот на возрасните. Но, со зголемување на возраста, кај одредени болести или по изложување на одредени лекови или навреди, неврогенезата се намалува и оваа појава е поврзана со когнитивното опаѓање и депресијата.”
Во оваа истражување, тимот бараше начин да го активира “еликсирот на младоста” – повторно да го иницира процесот на неврогенеза, да го спречи намалувањето или одново да го воспостави обновувањето на мозочните неврони.
Научниците тргнале од сознанието дека главен регулатор на неврогенезата, и најбитен за создавање нови неврони, е протеинот во нервните матични клетки наречени TLX. Но, тие сè уште не знаеле како TLX се активира. Тимот открил дека обичната масна киселина, односно олеинската киселина се врзува за TLX и на тој начин ја зголемува клеточната пролиферација и неврогенезата во хипокампусот, како кај младите така и кај старите глувци. Оваа олеинска киселина се создавала во нервните матични клетки за да го активира TLX.
Олеинската киселина е, исто така, главна компонента во маслиновото масло, но како што објаснуваат научниците, тоа сепак не може да биде ефикасен извор на олеинска киселина бидејќи таа најверојатно нема да стигне до мозокот. За да биде ефикасна, олеинската киселина мора да биде произведена од самите клетки.
Наодот дека олеинската киселина ја регулира активацијата на TLX има големи терапевтски импликации. Знаењето како природно се активира во мозокот би помогнало во развој на лекови кои би можеле да навлезат во мозокот и директно да ја стимулираат неврогенезата, што би значело ефективно третирање на болести како што се големите депресивни нарушувања и Алцхајмерова болест.