Со спроведувањето на еден подобрен лабораториски протокол, откриени се знаци за присуство на илјадници нови нервни клетки во мозокот на возрасните, дури и кај оние навлезени во осмата деценија од животот.
Овие незрели неврони, опишани во онлајн-изданието на Nature Medicine, се последните аргументи во една дебата што со децении е во фокусот на научната јавност – дали мозокот на луѓето е способен да изнедри нови нервни клетки кај возрасните единки? Претходно веќе е забележано дека овој процес, наречен неврогенеза, се случува во мозокот на некои животни, но научниците долго беа поделени околу тоа дали мозокот на возрасниот човек е способен за вакво обновување.
Набљудувањето на дел од хипокампусот доведе до откритието дека некои нервни клетки го содржат протеинот двокортин (обоен во црвено) за којшто се смета дека го издава создавањето на нови неврони.
Во истражувањето, под микроскоп биле проучувани парчиња од мозок земени постмортем од 13 претходно здрави луѓе, на возраст од 43 до 87 години, при што биле забележани илјадници новонастанати нервни клетки. Овие клетки биле лоцирани во делот од хипокампусот наречен дентатен гирус, за којшто постоеше сомневање дека е место на создавање на нови неврони. Но, во примероците земени од мозокот од 45 лица кои страдале од Алцхајмерова болест, бил откриен помал број од овие клетки. Наодот укажува на евентуална врска меѓу способноста на мозокот за неврогенеза и оваа невродегенеративна болест.
Повеќето од мозочните примероци употребени во истражувањето биле обработени во рок од 10 часа по смртта на донаторот, при што тие поминале помалку од 24 часа во впивање на хемикалиите со коишто се одржува свежината на ткивото. Како што истакнуваат истражувачите, можеби токму од овие причини тие биле во можност да ги забележат новосоздадените неврони. При некои претходни експерименти, кога не биле најдени докази за неврогенеза, се користеле примероци што биле обработени многу подоцна по смртта на донаторот и коишто подолго време поминале потопени во хемикалиите за фиксирање на ткивото.