Австралија во петокот објави дека го тужи сопственикот на Фејсбук Мета поради рекламите врзани со измамнички шеми за криптовалути во кои лажно се тврди дека се поддржани од познати личности.
Австралиската комисија за заштита на потрошувачите соопшти дека започнала постапка пред Федералниот суд против Мета Платформите за „лажно, погрешно или измамничко однесување“ што ги прекршува законите за потрошувачи или за хартии од вредност.
Тие ја обвинуваат Мета дека не сториле доволно за да се спречи појавата на рекламни огласи од измами со криптовалути или со шеми за заработка пари, дури и откако биле предупредени од познати личности кои биле погрешно претставувани декиа имаат врска со рекламите објавувани на Фејсбук.
Во соопштението објавено од Мета се тврди дека дека тие се обидувале да ги стопираат рекламите со измами користејќи технологија за нивно откривање и блокирање. Титанот на социјалните мрежи рече дека соработувал со истрагата на австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи.
Според комисијата, на измамничките реклами се појавувале низа познати Австралијци, меѓу кои и поранешниот премиер на Нов Јужен Велс, Мајк Берд и бизнисменот Дик Смит. Но, секако, никој од овие високопрофилни познати личности не дал одобрување да биде прикажан во рекламите, ниту пак биле вклучени во некоја од нив, се вели во извештајот.
Претседателот на австралиската комисија за заштита на потрошувачите, Род Симс, за целиот случај изјавил дека „Oвие реклами, oсвен што нанесуваат загуби за потрошувачите, тие. исто така, ја нарушуваат и репутацијата на јавните личности кои лажно се поврзани со рекламите. Во Мета не презеле доволно чекори за да ги спречат лажните реклами со јавни личности, дури и откако тие јавни личности им пријавиле на Мета дека нивното име и имиџ биле експлоатирани во рекламите за измама со криптовалути.“
Комисијата соопштила дека знае за еден потрошувач кој изгубил повеќе од 650 000 австралиски долари (480 000 американски долари) во една од измамите кои лажно рекламирале можност за инвестирање на Фејсбук.
Органите за заштита на потрошувачите соопштиле дека ќе побараат судски наредби, вклучувајќи и судски забрани, казни и плаќање на правни трошоци.