Досега биле направени повеќе истражувања за вистинската ефикасност на сезонското менување на часовниците. Почнувајќи од викендов речиси една четвртина од светската популација ќе изгуби малку сон и ќе добие малку повеќе сончева светлина со “курдисување”на часовникот нанапред за еден час. Генералната умисла со промената на времето е дека луѓето ја штедат електричната енергија којашто би ја потрошиле на осветлување. Но, неколку истражувања го ставија под сомнеж ова, а некои од нив дури открија дека промената на крај води до поголема потрошувачка на електрична енергија.
Бенџамин Френклин е зачетник на идејата за промена на сметањето на времето, ја предложил уште во 1784 година, со цел да се заштеди на свеќи, но првата промена со воведување на зимско и летно сметање на времето ќе се случи дури на почетокот од 20. век. Првата сеопфатна студија за ефикасноста на оваа промена беше направена за време на нафтената криза во 1970-тите, кога американското Министерство за транспорт откри дека промената во сметањето на времето ја намалило потрошувачката на електрична енергија во САД за околу 1 процент, споредено со стандардното време. Но оттогаш до почетокот на овој век оваа тематика беше послабо истражувана иако од тогаш до денес начинот на којшто ја користиме електричната енергија се промени прилично – климатизацијата и електронските уреди станаа сè поприсутни во домаќинствата.
Испитувајќи ја потрошувачката и наплатата на електрична енергија од промената на сметањето во САД, група истражувачи неочекувано откриле дека промената кон летно сметање на времето довела до вкупен пораст од 1 процент во поторшувачката на електричната енергија во домовите, што ја чинело државата дополнителни 9 милиони долари. Иако промената во сметањето на времето ја намалува потрошувачката на енергија наменета за осветлување на домаќинствата, истражувачите укажуваат на тоа дека промената ја зголемила потрошувачката на енергија наменета за ладење во текот на летните вечери и потрошувачката на енергија за греење во раните пролетни и доцните есенски утра. Истражувачите добија уште една можност за проверка на резултатите во 2007 година, кога летното сметање на времето започна во САД три недели порано, во втората недела во март, а заврши една недела подоцна на есен. Економистите откриле дека продолжувањето на летното сметање на времето имало мало или никакво влијание врз употребата на енергија во државата. Забележаниот пад на потрошувачката на енергија од 0,2% бил во рамките на статистичката маргина на грешка од 1,5%!
Сепак, сите анализи не укажуваат дека летното сметање на времето е контрапродуктивно. Па така, група истражувачи се решила наместо да го проучува влијанието што промената на сметање на времето го имаа само во една од сојузните американски држави да истражи каков ефект тоа може да има врз целокупната потрошувачка на енергија во САД. Притоа тие добиле податоци од 67 компании кои доставуваат електрична енергија ширум САД. Во нивниот извештај до Конгресот, истражувачите заклучуваат дека четиринеделното продолжување на летното сметање на времето заштедило околу 0,5% од електричната енергија дневно на национално ниво, или вкупно 1,3 трилиони ват-часови. Оваа количина на електрична енергија би можела да се искористи за напојување на 100 000 домаќинства во текот на една година. Истражувањето не ја земало предвид само употребата на електрична енергија во домовите, туку и онаа наменета за комерцијална употреба. Разликите помеѓу резултатите добиени на регионално и она на сојузно ниво можеби се одраз на разликите во употребата на клима-уредите, се сомневаат истражувачите. Имено во држави каде климауредите претставуваат неопходност во летните месеци, како во Флорида на пример, потрошувачката била поголема. Дали ова би значело дека ако се покаже дека промената на времето придонесува за поголема потрошувачка на енергија, тоа треба да се напушти? Секако, ова решение би им се допаднало можеби на многумина, но шансите за вакво нешто изгледаат минимални. Трговците на мало, особено оние во областите кои ги покриваат спортот и рекреацијата, веќе имаат изградени ставови и тие одат во прилог на продолжување по шемата за промена кон летно сметање на времето, имено претставниците на индустирјата уште во 1986 година пред американскиот Конгрес ќе изјават дека дополнителниот месец со дневна светлина им носи и до 400 милиони долари годишно со дополнителна продажба и даноци.
Истражувачите од Институтот Каролинска во Стокхолм и нивните колеги ги разгледаа стапките на миокарден инфаркт во Шведска од 1987 година и откриле дека бројот на срцеви удари се зголемил за околу 5 отсто во текот на првата недела од летното сметање на времето. Во октомвриското издание на New England Journal of Medicine од 2008 година, тие укажуваат дека овој пораст можеби е резултат на нарушување на ритамот на спиење како и општо на биоритамот на луѓето при овие промени.
Но, ако заштедата на енергија е мала но пресметлива, а придобивиките за здравјето се никакви, она што е позитивно е дека менувањето на стрелките на часовникот можеби помага во намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди, со тоа што им овозможува на повеќе луѓе да возат повеќе часови со сончева светлина. Анализирајќи ги 28-годишните податоци за автомобилски несреќи во САД, економистите од корпорацијата RAND и нивните колеги укажуваат дека промената на сојузниот закон за летно сметање на времето од 1986 година, со која почетокот на летното сметање на времето се фиксира за првата недела во април наместо последната, придонело за пад од 8 до 11 % пад на сообраќајните незгоди во кои учествувале пешаци и пад од 6 до 10 % проценти на сообраќајните незгоди за учесниците со возила. Резултатите од ова истражување може да се најдат во B.E. Journal of Economic Analysis & Policy study.