Градот Ерихон, познат по своето историско и културно значење, нуди важни сознанија за првите населби на човештвото. Имено, тоа е едно од првите места за каде знаеме дека ловците-собирачи оформиле постојани населби. Таму може да се видат првите згради во светот наменети за социјализација на жителите, како и докази за доместифицирани животни и за почетоци на земјоделството. Секако, да не ги спомнуваме и сите библиски приказни во коишто се споменува ова место. Ерихон едноставно е најстариот постојано населен град во светот.
Бил Финлејсон (Bill Finlayson), професор по археологија на Универзитетот во Оксфорд, истакнува дека пред околу 15 000 години во Ерихон и на други места низ Блискиот Исток, ловците-собирачи почнале почесто да престојуваат на едно место, наоѓајќи богати области каде што имале пристап до различни ресурси. Истражувањата покажуваат дека овие рани луѓе биле во можност да го продолжат својот престој со изградба на повеќе постојани структури и ловење на поодржлив начин.
Еден од првите индикации дека собирачите на ловци инвестирале во нивната заедница е кулата Ерихон. Изградена пред околу 12 000 години, извонредната камена структура од неолитот лежи скриена под површината во илјадници години напластени земјeни наслаги. Кулата веројатно била изградена од доцните ловци-собирачи, иако е тешко да се знае со сигурност. Бидејќи градот постојано живее сите овие години, слоевите на седимент се зголемиле околу структурата со текот на времето. Точно не се знае нејзината намена, иако е сосема веројатно дека таа била место во коешто заедницата се собирала за разни прилики.
Иако ловците-собирачи останале многу подолго, Ерихон веројатно ја завршил транзицијата кон земјоделството пред околу 7000 години. Според археолозите постојат докази дека жителите на Ерихон одгледувале пченица, јачмен, наут и леќа, како и дека доместифицирале кози и овци. Земјоделството е еколошка нишка, а луѓето во Ерихон брзо сфатиле дека ако одгледуваат земјоделски култури, им требаат животни за производство на ѓубриво.
Со време, Ерихон процветал во мал град со неколку илјади жители кои живееле таму во текот на целата година. Се наоѓал и покрај огромен извор, што е главната причина зошто ова место останало привлечно за живеење толку многу години. Имено, како што истакнуваат и археолозите, до неодамна изворот беше апсолутно огромен со свежа вода што извира постојано и сигурно во текот на целата година.
Иако неолитскиот период е мошне привлечен за истражување, многумина од археолозите ја истражуваат нешто поблиската историја на локацијата – славните ѕидови на Ерихон коишто се споменуваат во Библијата. Имено, во Книгата на Исус Навин, која датира од околу 1400 п.н.е., Библијата детално ја раскажува приказната за Исус Навин што ги водел Израелците против Хананејците и за падот на ѕидовите на Ерихон.
И истражувачите и теолозите со децении ги бараат вистинските ѕидови. Но, според Бил Финлејсон главниот ѕид пронајден околу Ерихон потекнува од праисторијата и не е датира од времето посочено со приказните од Библијата. Исто така, главниот ѕид не покажува знаци на оштетувања од конфликт или војна. А она што исто така е интересно е тоа што ѕидот бил изграден само на едната страна од градот, што значи дека неговата цел најверојатно била да спречи поплави, а не напаѓачи. Покрај овој, досега се пронајдени и неколку ѕидови што датираат од бронзеното доба, и кои потекнуваат од приближно исто време со приказните од Библијата. Но, според Финлејсон, навистина би било тешко тие да се поврзат со кој и да е одреден библиски пасус.
Можеби никогаш нема да знаеме со сигурност дали ѕидовите ископани во Ерихон се истите ѕидови што се споменуваат во Библијата. Сепак, ова никако не ја намалува важноста на Ерихон. Иако денес тој е мирен град на Западниот Брег, познат по цитрусите и топлото време, Ерихон останува симбол на она што луѓето можат да го постигнат кога ќе ги здружат силите. Тоа е едно од првите места каде човештвото навистина се собрало, живеејќи во заедница и решавајќи ги разликите. Кога градбите стануваат камени, а животните остануваат на едно место, не можете едноставно да заминете секогаш кога некој ќе ве налути.