Веќе неколку години астронаутите успешно одгледуваат зелена салата во вселената, добивајќи барем малку свежа храна во која може да уживаат. Но, што ако оваа марула би можела да се модифицира на тој начин што би станала лек? Генетски модифицирана зелена салата еден ден би можела да им помогне на астронаутите да останат здрави додека патуваат кон Марс...
Тим американски истражувачи генетски модифицираа марула која содржи протеин што ќе помогне да се зајакнат коските на астронаутите. Иако оваа зелена салата сè уште не е подготвена да стане дел од менито на Меѓународната вселенска станица, истражувачите велат дека таа е важен дел од подготовката за подолготрајни мисии, како на пример освојувањето на Марс. Густината на коските брзо паѓа при нулта гравитација, па астронаутите можат да изгубат и повеќе од 1% од коскената маса за секој месец поминат во вселената. За да го надминат барем малку овој проблем, астронаутите на МВС имаат одредени режими на вежбање со кои се обидуваат да ја задржат коскената маса. Но, вообичаено астронаутите не поминуваат повеќе од шест месеци во орбита. За патување до Марс ќе бидат потребни неколку години.
Во моментов, коскената маса може да се обнови со лек за инјектирање – фрагмент од човечки паратироиден хормон (PTH). Но, тој треба да се инјектира секојдневно, така што ова решение не е баш практично и изводливо за долгорочна мисија. Наместо тоа, научниците одлучија да видат дали можат генетски да модифицираат зелена салата за таа да го создава хормонот. Астронаутите би можеле со себе на пат да понесат трансгенски семиња, кои не зафаќаат многу простор, неколку илјади семиња собира во шишенце со големина на вашиот палец, од коишто тие би ја одгледувале храната. Растенијата по потреба би можеле да се користат за синтетизираат фармацевтски производи, како PTH во случајот на генетски модифицираната марула, коишто астронаутите би ги внесувале како храна.
Истражувачите идентификуваа ген кој кодира малку изменета верзија на PTH, PTH-Fc, кој вклучува дел од друг протеин којшто ја зголемува неговата ефикасност во човечкото тело. Тие потоа го пренеле овој ген во растението на зелената салата користејќи бактерија наречена Agrobacterium tumefaciens. Откако ја одгледале марулата, ги прегледале растенијата за PTH-Fc, при што откриле дека зелената салата произведува околу 10-12 милиграми протеин по килограм. Ова значи дека за астронаутите да внесат доволно PTH-Fc, тие ќе треба да јадат 380 грама зелена салата дневно, што значи една доста обилна порција салата.
Истражувачите работат на подобрување на содржината на хормоните, како и тоа да видат како овој вид зелена салата ќе расте на Меѓународната вселенска станица. Исто така, примероци од зелената салата ќе бидат клинички испитани, најнапред со животни, а потоа и со луѓе, за да можат да се осигураат дека храната е безбедна за јадење и дека реално го стимулира растот на коските.
Истражувачите ги презентираа своите наоди на состанокот на Американското хемиско друштво.