Кое пиво најмногу ви се допаѓа? Светло, црвено или темно? Со поголем или со помал процент на алкохол? Колку горчливо? Дали сте во потрага по пивото од вашите соништа? Вештачката интелигенција наскоро ќе овозможи да ја угасите жедта со најдоброто пиво создадено по ваш вкус...
Двајца истражувачи, Мохамад Маџид ал-Рифаие, од Универзитетот во Гринич, и Марк Каваза, од Националниот институт за информатика во Токио, по низа експерименти со одлични резултати сега се подготвени да се натпреваруваат и со монасите и со мајсторите пивари. Тие, всушност, создадоа нов систем заснован на вештачката интелигенција којшто ви овозможува да креирате нови рецепти за пиво, врз основа на резултатот што сакате да го постигнете и достапните состојки.
Во системот треба да ги внесете посакуваните карактеристики на пивото (процент на алкохол, боја, интензитет на горчливост, во идните верзии на програмата ќе може да се внесат и други својства како квалитетот на пената) и достапни состојки. Потоа вештачката интелигенција ќе создаде и разгледа мноштво рецепти и проценува кој од нив ќе го даде резултатот најблизок до она што го посакувате. Двајцата научници со години ја применуваат компјутерската наука во производството на пиво и го предлагаат ова решение за да им помогнат на пиварите да создадат нови рецепти или да го добијат истиот пијалок додека ги менуваат состојките, намалувајќи го долгиот процес на тестирање и дегустација што вообичаено е неопходен.
Инаку ова не е прв случај информатиката и електрониката да "вмешаат прсти во пивскиот слад". Пред некоја година веќе пишувавме за тоа како еден австралиски тим научници создаде автоматизиран дегустатор на пиво (види Уште една работа од соништата ќе ни ја преземат роботи). А технологијата е вклучена и во процесот на креирање "еколошки одржливо пиво" (види во Еколошкиот проблем на Октоберфест, Рециклирање на пивскиот отпад или како пивото да стане еколошки одржливо). Со оглед на тоа што климатските промени влијаат врз производството на овој глобално омилен пијалак што го произведуваме уште од памтивек, можеби ВИ е доаѓа токму навреме за да се вклучи во процесот на производство