Кога по долгиот ден ќе посегнете по пивото од вашиот фрижидер сигурно отпадот не ви е ни на крај памет. А зад производството на пиво остануваат огромни количини на биомаса како отпад. Но, не очајувајте. На пивското еко-расипништво се чини дека му доаѓа крај благодарение на истражувањето на научниците од Вирџинија Тек од САД кои изнајдоа начин како да го искористат овој био-отпад.
Откако од јачменот и другите житарки ќе се исцеди сиот вкус, останува мокриот прашок којшто се состои претежно од јачменови житни лушпи од слад. Овој нуспроизвод наречен потрошено пивско жито (ППЖ), е богат со протеини и со растителни влакна. На секои 100L пиво се создаваат 20kg мокар ППЖ, што значи создавање на околу 40 милиони тони пивски отпад на годишно ниво во светот само од големите пивари. Но, со оглед на тоа што во последниве години на популарност добива и занаетчиската подготовка на пиво, т.н. крафт пиво оваа бројка е уште поголема.
Во моментов пивската отпадна биомаса (ППЖ) наоѓа примена како добиточна храна со ниска вредност или, пак, се фрла на депонија. Ова наликува на фрлање изобилие од евтин и хранлив производ којшто би можел да се искористи во исхраната на луѓето. Но, работите не се баш такви како што наликуваат. Имено, високата содржина на растителни влакна (70%) го прави ППЖ непогоден за прехрана на луѓето, поради тешката “сварливост”.
Хуанг истражуваше како да се трансформира BSG во пофункционален производ, заедно со коавторот Јанхонг Хе, исто така од Вирџинија Тех.
Истражувачите од Вирџинија Тек во студијата презентирана на средбата на Американското друштво на хемичари опишуваат нов начин за издвојување на протеинот присутен во ППЖ од растителното влакно, без потреба за сушење на масата, како што налагаат досега користените техники.
Тие тестирале три комерцијално достапни ензими (алкалаза, неутраза и пепсин) при што откриле дека алкалазата најефикасно ги двои двете состојки – протеините и влакната, без притоа да се изгуби голема количина од секоја од нив. Така на крајот се добиваат издвоен концентрат од протеини и производ богат со растителни влакна.
Протеинскиот концентрат ги задржува 83% од протеините на потрошеното пивско жито. Истражувачите укажуваат дека овој нуспроизвод би можел да се искористи во прехранбената индустрија, реагирајќи на зголемената побарувачка за алтернативни извори на протеини. ППЖ би можел да се измеле и потоа би можел да се додава како брашно во печивата; некои од малите пивници во светот и денес користат ППЖ во рецепти во нивните ресторани. Добиениот производ од растителни влакна, од друга страна би можел да се користи како суровина во производството на биогорива.
Но, сè уште е рано за славје со високо кренати чаши полни пиво. Техниката за сепарација на протеините и растителните влакна треба од лабораториски услови да се прилагоди на индустриски процеси, за да може да се справи со големи количества повски отпад. Со оглед на тоа што лабораториски употребените ензими се мошне скапи, следуваат многу истражувања за да може целиот процес да стане и економски исплатлив.