Како да не беше доволна жештината што ја носат климатските промени, сега уште ќе нема ни со што да се разладиме, или барем ладењето скапо ќе нè чини. Имено, едно скорешно истражување спроведено во Универзитетот на источна Англија – УИА (University of East Anglia – UEA) предупредува дека големите климатски настани може да предизвикаат недостаток во снабдувањето на пиво во глобални размери.
Координаторот на истражувањето и водечкиот британски автор Дабо Гван, професор по економија на климатските промени на Школата за Интернационален развој при УИА вели: “Зголеменото истражување почна да го проектира ударот што климатските промени ќе му го нанесат на светското производство на храна, фокусираќи се на приносите на жито, пченка, соја и ориз”
Имајќи предвид дека напорите за прилагодување даваат приоритет на непходното, климатските промени може да ја намалат достапноста, стабилноста и пристапот до луксузните стоки во поголем дел отколку на производите од животно значење. Иако досега имаше некои истражувања што ја проценуваа штетата што климатските промени ќе ја нанесат на производството и консумпцијата на вино и кафе, ударот што овие промени ќе му го нанесат на пивото досега не бил ставен под лупа. А, нели, достапноста на пиво придонесува и за стабилноста на забавата и комуникацијата во едно општеството
Интернационалното истражување вклучи научни работници од Велика Британија, Кина, Мексико и САД. Тие ги идентификувале значајните климатски настани и го моделирале нивното влијанието врз приносите на јачмен во 34 региони во светот. Потоа ги истражиле ефектите од недостатокот на јачмен и цените на пивото за секој од регионите во широк опсег на идни климатски сценарија.
Истражувањето предупредува дека широкораспространетата и остра суша и жега можат да предизвикаат значително намалување во приносите на јачмен во светски рамки, што ќе има големо влијание на количината што се издвојува за производство на пиво. Ова, од своја страна, ќе придонесе за значително намалување на консумпцијата на пиво, што ќе повлече и зголемување на цените на овој производ. Пивото е најпопуларниот алкохолен пијалок во светот. Во поново време, пивскиот сектор користи околу 17% од светското производство на јачмен, но овој удел зависи од земја до земја. Па така, во земјите со традиција во производството, но и во пиењето на пиво, овој процент е значително поголем. На пример, во Бразил 83% од произведениот јачмен се преработува во пиво, додека во Австралија овој процент изнесува само 9%. Резултатите од најновото истражување откриваат дека потенцијалните губитоци на приносите во услови на нарушена клима, би се движеле од 3% до 17%, во зависност од острината на промените. Намалувањето на светското производство на јачмен ќе значи и пропорционално намалување на процентот што се издвојува за производство на пиво.
При најекстремните климатски промени, резултатите покажуваат дека пиењето на пиво ќе падне за 16%, или за 29 милијарди литри, што е бројка блиска до годишната потрошувачка на пиво во САД, а ова ќе донесе и удвојување на цените. Дури и при поблаги климатски промени, потрошувачката паѓа за 4%, а цените растат за 15%.
Заклучоците од истражувањето објавено во Nature Plants, укажуваат дека потрошувачката на пиво ќе се намали најмногу при климатски промени во земјите каде има најголема потрошувачка на пивото во последниве години. На пример, количината на пиво што ја пие Кина, инаку најголемиот потрошувач на пиво денес, би се намалила најдрастично со заострување на климатските промени, а при најекстремните промени таа би се намалила за 4,34 милијарди литри.
Во некои земји со помала потрошувачка на пиво би се забележал огромен пад во потрошувачката, на пример во Аргентина намалувањето би било за дури 32% при најекстремни промени. Во земјите каде и денес пивото е најскапо, како што се на пример Австралија и Јапонија, цената веројатно би можела да претрпи и помала промена. Цената на пивото во некоја земја зависи од куповната моќ на потрошувачот како и од неговата спремност да плати повеќе за пивото наместо да се лиши од некоја чашка. Па така најголемиот пораст на цената би се очекувал во земјите што традиционално се најголеми љубители на пивото.
Истражувањето укажа дека недостатокот на јачмен различно ќе се одрази на количината достапна за правење пиво во различни региони, зависно од регионалната распределба на јачменот за сточна храна, за производство на пиво или што и да е, зависно од традицијата, но и од потребите на другите индустриски гранки.
Како и да е, со заострување на промените, според истражувањето количината на јачмен достапен за производство на пиво драстично ќе се намали во критичните години, па така за некои европски земји, како Белгија, Чешка и Германија, проекциите велат дека е можно намалување од 27 до 38% на количината на јачмен достапен за производство на пиво.