Роботите преземаат сè повеќе работни задачи и места за коишто сметавме дека чoвeчкиот фактор е незаменлив. Пиварниците имаат потреба од автоматски систем за проверка на квалитетот на пивото, а еден истражувачки тим од Австралија им понуди решение. Што им требаше ова, не ни е познато.
Австралискиот тим се насочил кон истражување на формирањето на пената кај тазе наточеното пиво. Зошто се толку битни меурчињата? Затоа што токму тие се едни од главните одредници колку пивопијците ќе уживаат во вкусот на пивото. Не дека е битно, но истото важи и за пенливите вина.
За процена на реакциите на луѓето за пивската пена, било потребно да се изнајде начин за постојан квалитет во производството на пивска пена. Е, тука работата ја презема автоматиката. Па така, за оваа важна задача тие го “ангажирале” RoboBEER, робот којшто го налева пивото од флаша во чаша. Процесот бил сниман, а потоа им бил прикажан на група луѓе, по што им биле поставени прашања за нивниот вкус во поглед на висината и стабилноста на пената, бистрината на пивото и нивно субјективно мислење за квалитетот во целост. Целта била на луѓето да им се покаже видеоснимка од процесот, а потоа врз основа на неа да може да се направат предвидувања за квалитетот, без притоа да се има потреба од пополнување прашалници од по неколку страници и без да мора да се сервира и вистински да се вкуси пивото. Зошто, па затоа што овие традиционални методи на оценување на квалитетот траат предолго.
За да ги направат предвидувањата за квалитетот, истражувачите употребиле два вида податоци. Првите биле земени директно од RoboBEER, кој додека точел пиво, мерел 15 негови квалитети меѓу кои големината на меурите, бојата на пивото, ослободување на гасот од пивото, висина на пената во чашата и нејзината стабилност. Вториот сет од податоци претставувал снимка од реакциите на луѓето, поточно нивните изрази на лицето, додека гледале видеоматеријали врзани со пивото. Вештачката интелигенција ги анализирала овие материјали земајќи ги предвид ширењето на зениците, забрзувањето на срцето и емоционалните реакции на лицето. Потоа, за секој од оценувачите на квалитетот биле обработени податоците од нивната несвесна реакција по набљудување на 28 точења направени од RoboBEER, и биле споредени со нивните официјални оцени за квалитетот на пивото.
По ова, развиениот алгоритам можел да процени со точност од 80% дали на некому му се допаднала висината на пената на пивото или не. Уште повеќе, користејќи ги податоците преземени од RoboBEER, вештачката интелигенција со 90% точност можела да даде оцена за тоа дали пивото ќе ги задоволи критериумите на пивопиите или не.
Резултатите од истражувањето се објавени во Food Control.