Знаете за кој фестивал станува збор, нели? Онаа “безобразно голема” слава на пивото во сите форми и облици – црно, светло, пивото како закуска, како аперитив, како прилог со мезе, пивото како храна, како, како... па, пивото како крал на сите пијалаци, барем за овие две недели во Минхен.
За време на одржувањето на Октоберфест, во Минхен се слеваат повеќе од 6 милиони посетители. За време на целиот фестивал се консумираат огромни количини пиво (се разбира) и храна. Бројките за 2018 година велат дека во рок од 2 недели биле испиени приближно 8 милиони литри пиво, биле изедени 250 000 свински колбаси, половина милион пилиња, а биле испиени и 1,1 милион литри вода и лимонада (кој ли го пиел ова при пиво, не знаеме...). Од друга страна биле потрошени околу 100 милиони литри вода за миење садови, чистење, за носење на изметот од тоалетите, итн. Вкупно биле потрошени 2,9 милиони kW/h електрична енергија и 200 973 m3 природен гас, од што 79% биле употребени за готвење и 21% за греење.
Импресивни бројки, зарем не?
Гледајќи ги бројките и правилно претпоставувајќи дека едно вака големо славје сигурно произведува пообилни емисии на гасови, една група научници од Техничкиот универзитет во Минхен, решиле да дознаат точно колкаво влијание има еден ваков огромен фестивал врз околината, во поглед на емитувањето штетни стакленички гасови, или GHG (Green House Gases).
Иако организаторите на Октоберфест од безбедносни причини не им дозволиле на научниците директен пристап во фестивалската врева и метеж, тие успеале да направат мерења на емисиите преку користење преносни инструменти со коишто шетале веднаш до оградениот фестивалски простор. При мерењата што биле направени минатата година, во текот на повеќе денови, биле земени предвид и насоката и брзината на ветерот во дадениот момент. Како што се открива во трудот, објавен неодамна во Atmospheric Chemistry and Physics, биле добиени следниве бројки – секоја секунда, во просек, биле испуштани 6,7 микрограми метан по квадратен метар! Како што пишуваат авторите на трудот, овој просек e за 10 пати поголем од емисиите на еден поголем град како градот Бостон, на пример.
Како што понатаму стои во трудот, вака масивно количество на метан не може да им се припише само на подригнувањата и... хмм, емисиите на гасови од други изворишни места на веселите гости на фестивалот, туку како најголем генератор сигурно се јавува несогорениот природен гас којшто бил користен за приготвување храна и за греење на фестивалските шатори.
Како што се заклучува во трудот, овие резултати укажуваат дека во иднина, при планирањето ограничувања на емисиите на стакленички гасови, секако дека треба да се имаат предвид и големите фестивали од калибарот на Октоберфест, коишто се покажуваат како исклучително голем генератор на метан.