Кинеските астронаути во петокот излегоа на “прошетка” во вселената за да можат да ги одработат завршните активности на роботската рака на Небесната палата – кинеската вселенска станица Тјангонг .
Оваа втора вселенска прошетка за два месеци, од којашто кинезите вршеа и директен пренос на државната телевизија, е дел од силно промовираната вселенска програма на Кина, која веќе успа да слета функционален ровер на Марс (види тука и тука), а испрати и неколку сонди на Месечината (види и прочитај тука, тука, тука).
Како што веќе пишувавме, во јуни тричлениот екипаж пристигна на вселенската станица Тјангонг, на којашто е планирано да останат вкупно три месеци, што е воедно и досега најдолга кинеска вселенска мисија со човечки екипаж.
Како што се вели во соопштението на Кинеската вселенска агенција, во петокот астронаутите Ње Хајшенг и Лиу Бомин успешно излегле од основниот модул на станицата, наречен Тјанхе, за да инсталираат задршки за нозе и работна маса на роботската рака од станицата. Била емитувана и видеоснимката на која се гледаат астронаутите кои работат надвор од станицата, врзани за неа со долго јаже.
Државниот радиодифузер CCTV којшто ја емитувал снимката појаснил дека, освен примараната обврска, работните задачи на тајконаутите вклучувале и работа на термичката единица, како и нагодување на панорамската камера.
Ова е сè на сè трета прошетка во вселената за кинеските астронаути – првата беше изведена во 2008 година – тогаш тајконаутот Жаи Жиганг ја направи Кина трета земја која успешно завршила вселенска прошетка, по Советскиот Сојуз и САД.
Втората прошетка, како што споменавме се случи на почетокот на јули. Тогаш Лиу и третиот член на екипажот Танг Хонгбо ја напуштија станицата.
Оваа кинеска вселенска мисија е прва мисија со човечки екипаж по речиси пет години, а екипажот на плеќите го носи и товарот за огромен престиж, бидејќи во Кина оваа година се одбележува и 100-годишнина од владеењето на Комунистичката партија.