Само неколку дена по слетувањето на површинат на Марс, роверот Журонг (Zhurong) на Кинеската вселенска агенција, којшто беше именуван според богот на огнот од кинеските приказни, ги испрати првите две фотографии од површината на Црвената планета – една црно-бела фотографија и ‘селфи’ слика во боја!
Журонг слета на 14 мај на северната хемисфера на Марс, во рамнината со име Utopia Planitia. Само неколку дена подоцна, тој испрати фотографија од камерата за избегнување на препреки којашто е сместена на предниот дел од роверот.
На црно-белата слика може да се забележи рампата којашто се спушта од лендерот до површината на планетата. Втората фотографија, која е во боја, е направена со различна навигациска камера поставена во задниот дел од роверот. На неа може да се видат сè уште неотпакуваните соларни панели и антената на Журонг, додека во заднината, секако, забележлива е впечатливата црвена боја на почвата и карпите на Марс.
Кинеската агенција објави и видеоснимка којашто пристигна во овој прв пакет со податоци од нивната мисија на Марс. На видеоснимката направена од камерата на орбитерот може да се види одвојувањено на лендерот и роверот при процесот на слетувањето.
Оваа црно-бела фотографија од Марс е направена од една навигациските широкоаголните камери на роверот Журонг. Од гледната точка на Журонг, непосредно по слетувањето видлива рампата за спуштање кон површината, како и два подповршинскиинструменти од роверот и, нормално, хоризонт на Црвената планета. Фото: Кинеска национална вселенска агенција