По арапската сонда Надеж, минатата недела до Марс пристигна и кинеската мисија Тианвен 1 (Небесни прашања). Се работи за првата кинеска мисија за истражување на Марс, составена од два истражувачки дела – орбитално набљудување со орбитер и истражување од површината со ровер.
Кинеската вселенска агенција потврди дека леталото успешно влезе во орбита околу Црвената планета. И покрај тоа што кинезите не понудија директен пренос од настаните, сепак сигналите од сондата можеа да се фатат и ги следеле повеќе ентузијасти радиоаматери ширум светот.
Како и другите две мисии, арапската и американската, Мисијата Тианвен беше лансирана во “прозорецот” кога Марс и Земјата беа најблиску – минатата година во јули. Петтонското вселенско летало го измина патот долг половина милијарда километри и по пристигнувањето го започна автоматизираниот маневар за кочење. Со маневарот брзината на леталото се намали доволно за гравитацијата на планетата да го “зароби” во орбитата, поставувајќи го Тианвен 1 во елиптична патека на оддалеченост од 400 до 180 000 километри над површината на Марс. Орбиталната патеката во наредните месеци ќе стане сè потесна, а нејзината форма приближно кружна.
Што се однесува до вториот чекор – испраќањето на роверот до површината, кинеските инженери се мошне претпазливи и внимателно се подготвуваат за настанот што треба да се случи некаде во мај или во јуни. Најнапред ќе следи период на подолго набљудување на површината на Марс, иако изборот за локацијата каде роверот треба да слета е познат – басенот Утопија, лоциран северно од екваторот на Марс.
Самиот ровер наликува на втората генерација истражувачки ровери од НАСА, Спирит и Опортјунити, тежи 240 килограми и слично како и тие ќе се напојува од соларни панели. Роверот е опремен со камери кои освен за набљудување е планирано да се набават како помош при навигацијата, како и пет дополнителни инструменти за проучување на минеролошкиот состав на почвата и детектирање на замрзната вода. Како главен експеримент е најавено радарското истражување на почвата со коешто би се добила појасна слика за нејзините геолошки слоеви на длабочина од повеќе метри.
Во меѓувреме, орбитерот будно ќе го следи функционирањето на роверот на површината и ќе ги проучува карактеристиките на горните слоеви на атмосферата на Марс, релјефот и составот на неговата површина со помош на седум различни научни инструменти, а камерите со висока и средна резолуција од орбитерот веќе испратија фотографии и видеоснимка од Црвената планета.
Утре очекуваме до Марс да пристигне и мисијата на НАСА Марс2020 со роверот Упорност (Perseverance), од кој се очекува да испрати примероци од почвата на Црвената планета. Повеќе за таа мисија може да прочитате во “Мисија за донесување примероци од Марс на Земјата”