Црвената планета, Марс, отсекогаш била предизвик за астро-научниците и до денес, покрај Земјата, таа е најистражувана планета во Сончевиот систем. Како натамошен најлогичен истражувачки чекор се наметнува мисијата за донесување на Земјата примероци од Марсовата површина, со оглед на тоа дека тие ќе можат многу попрецизно да се анализираат во постоечките лаборатории на Земјата, особено гледано од биолошки аспект. Во споредба со тоа што можеше досега да се изврши директно во роверите спуштени на Марс. Во таа насока, планирана е реализација на заедничка мисија на Американската вселенска агенција НАСА и Европската вселенска агенција ЕСА, со цел некаде во 2031 година да се донесат на Земјата примероци од Марс. Мисијата е наречена Mars Sample Return, а се состои од вкупно три етапи. Шематскиот приказ на мисијата е покажан на сликата во прилог, па ќе го објасниме во најкуси црти!
Првата етапа, наречена Mars 2020 Rover, ќе започне во месец јули 2020 година, со лансирање летало со ровер, кој во февруари 2021 година ќе се спушти на површината на Марс, на одредена локација во 50 km широкиот кратер Језеро. Роверот ќе биде опремен со роботска рака, ќе се движи низ кратерот на 6 погонски тркала, трагајќи по биомаркери и ќе собира карактеристични примероци од Марсовото тло. Примероците ќе ги складира во вкупно 38 специјални посебни епрувети, кои ќе ги остава на површината на кратерот.
Втората етапа, наречена Sample Retrieval Lander, ќе започне во 2026 година, со лансирање на второ летало коешто на Марс ќе однесе втор ровер (Sample Fetch Rover) и мала лансирна ракета (Mars Ascent Vehicle). Овие два реквизита се задача во надлежност на Европската агенција ЕСА. Роверот ќе има мали димензии, ќе има погон на соларна енергија и ќе биде способен да се движи околу 15 km, доволно за да може со вградената сопствена “роботска рака” да ги собере сите епрувети со примероците оставени од претходниот ровер. Епруветите ќе ги складира во еден топчести контејнер, кој со наведената мала ракета ќе биде лансиран во орбитата околу Марс, на височина од околу 340 km над Марсовата површина.
Третата етапа го носи називот што го носи целата мисија – Mars Sample Return. Во оваа етапа, од Земјата ќе биде лансирана трета сонда, која ќе влезе во истата орбита околу Марс во којашто ќе орбитира топчестиот контејнер со примероците, и со помош на радиосигнали него ќе го лоцира, ќе го собере и конечно ќе го донесе на Земјата.
Според зацртаниот план, целата мисија, како што веќе рековме, треба да заврши во 2031 година, што значи дека примероците на Земјата би стасале за нешто само малку повеќе од една деценија.
Очигледно е дека се работи за многу сложена мисија, која ако успее, најверојатно ќе биде основа за спуштање и враќање на човечки екипаж на Марс.