Звучи нешто како од научнофантастичен (ахем, можеби и не многу добар) филм – потрага по знаци за вонземска цивилизација во рамките на нашиот поширок дом. Но, по “прашината” што се крена по минувањето на еден од, барем во нашето модерно доба, најмистериозните објекти низ Сончевиот систем, објектот Оумуамуа, како и низата шпекулации кои се јавија во врска со неговото потекло и намена, многумина сериозни научници сакаат да го “прочешлаат” небото во потрага по слични објекти кои можеби заталкале од меѓуѕвездениот простор во нашето соседство.
За потсетување во 2017 година Оумуамуа помина крај Сонцето и Земјата, следејќи траекторија која укажуваше дека потекнува некаде од меѓуѕвездениот простор. Повеќето научници сметаа дека се работи за необично обликувана комета или астероид, но имаше и такви кои смело изјавија дека можеби се работи за посета од некоја вонземска цивилизација (за ова пишувавме тука, тука и тука). Теоретскиот астрофизичар Ави Либ од Универзитетот Харвард излезе со тврдење дека Оумуамуа е веројатно вештачка градба – светлинско едро, антена, а можеби и вселенски брод – која потекнува од некоја вонземска цивилизација. Деновиве тој го најави планот за пребарување на небото во потрага по уште вакви слични објекти. Претрагите ќе се вршат во рамките на филатропски финансираниот потфат, проектот Галилео.
Оумуамуа – астероид, комета, соларно едно, вонземски вселенски брод или сонда?
За оваа цел би се користеле веќе постоечките, но и новите телескопи, кои систематски ќе ја пребаруваат нашата околина во потрага по мистериозни артефакти, природни или вештачки, сеедно – сателити скриени во Земјината орбита, меѓуѕвездени објекти, па дури и неидентификувани летечки објекти во рамки на земјината атмосфера. Како што вели Либ, по објавата на неговата книга “Вонземјанин”, повеќе имотни лица го контактирале за да понудат парична поддршка за едно вакво истражување. Четворица од нив донирале на крајот 1,75 милиони американски долари што било сосема доволно за стартување на проектот. Либ составил истражувачки тим во кој вклучил неколку познати астрономи и истражувачи од други полиња, но сепак признава дека не секој кому му се обратил бил отворен за соработка.
Проектот предлага искористување на податоците од веќе постоечките, но и од следните истражувачки телескопи, каква што е 8-метарската опсерваторија Вера Рубин во процес на изградба во Чиле, за потрага по други објекти слични на Оумуамуа. Раната детекција на ваквите објекти би им овозможила на истражувачите поголема временска рамка за нивно проучување, наместо само 2 месеца колку што беше тоа возможно да се направи со Оумуамуа. Либ се надева и на покренување на вселенска мисија која одблиску би ги проучила овие објекти.
Патеката по којашто Оумуамуа помина низ Сончевиот Систем
Проектот наиде на поддршка кај некои истражувачи вклучени во проектот СЕТИ, додека други сè уште размислуваат како и што проектот Галилео би придонел за тековните потраги по меѓуѕвездени објекти. Во таа насока се забелешките дека постоечките мрежи за нотификација веќе ги чешлаат податоците од телескопите секој час, во потрага по некој меѓуѕвезден објект на поминување, а Европската вселенска агенција веќе работи на мисија за пресретнување на комети која ќе биде лансирана во земјината орбита во 2028 година, каде ќе чека до идентификување на соодветната цел за истражување и упатување кон неа.
Проектот Галилео планира потрага по вонземски артефакти и на “домашен терен”. Минатиот месец Американската национална разузнавачка агенција објави извештај до конгресот во кој се наведуваат околу 144 извештаи од воени и цивилни извори за неидентификувани воздушни феномени (НФО) односно неидентификувани летечки објекти (НЛО). Во заклучокот се вели дека НФО-ата веројатно биле физички објекти, односно не се работело за оптички или атмосферски феномени, но податоците биле толку оскудни што не можело да се “пресече” дали се работи за метеоролошки балони или дронови, дел од некои тајни проекти (американски или нечии други), или пак дека се работи за нешто сосема друго.
'Дали сме сами?' – прашува Ави Либ
Според Либ дури и еден ваков неодреден извештај е знак дека можеби има нешто повеќе за истражување во овој домен. Па проектот Галилео ќе има за цел и обезбедување на висококвалитетни слики/фотографии од НФО-а со цел да го демистифицира нивното вистинско потекло. Според Либ набавката на 1-метарски телескоп опремен со современ сензор кој би можел да гледа мали објекти на голема оддалеченост би чинела помалку од 500 000 американски долари. Ако идното финансирање на проектот Галилео тоа го дозволи, Либ би поставил десетици вакви телескопи на стратешки локации ширум светот, во потрага по НФО на небото во нивната околина, а за ова дополнително би помогнале и податоците добиени од радари и инфрацрвени сензори.
Третиот дел од проектот би се бавел со потрага по вонземски сателити во орбита на Земјата, при што би се користела вештачка интелигенција за обработка на податоците од постоечките телескопи. Повторно, некои истражувачи укажуваат дека владините агенции (особено оние од областа на военото разузнавање) веќе поседуваат софистицирани системи за набљудување и следење на сè што може да се најде во орбита а е поголемо од 10 сантиметри.
Како одговор на сите противења, за време на промоцијата на неговата книга Либ изрази мислење дека неговите колеги се тесногледи и исполнети со предрасуди во поглед на потрагата по вонземски реликвии и сигнали, познати како технопотписи. Но, тој не се откажува и знае дека за прифаќање на неговиот проект е потребно да се размислува во неконвенционална насока.