Оумуамуа, првиот објект за којшто со сигурност знаеме дека е посетител од надвор од Сончевиот систем, е ледена комета, а не карпест астероид, како што досега се претпоставуваше. Новите мерења помогнаа во потврдувањето на првичните претпоставки за составот на меѓуѕвездениот патник, а може да им помогнат на истражувачите и во ловот на слични објекти во нашиот Сончев систем.
Внимателните набљудувања на орбитата на Оумуамуа покажаа дека, како што предметот летал низ просторот, од некоја причина тој постојано добивал дополнителен потисок при неговото оддалечување од Сонцето. Причината за дополнителниот потисок најверојатно била загревањето на неговото ледено јадро, по што следувало испуштање на гас во вселената. Овој процес е карактеристичен за кометите, но не и за астероидите. Па, иако Омуамуа никогаш не ја покажа опашката од гас и прашина што ги краси повеќето комети, сепак поради овој процес беше пресудено дека се работи за комета.
Како што веќе пишувавме (тука) астрономите за првпат ја забележаа Оумуамуа на 19 октомври 2017 година, со телескопот PanSTARRS-1, на хавајскиот остров Мауи. Веќе во рок од неколку часа било јасно дека објектот има крајно необична траекторија којашто помогна да се утврди неговото меѓуѕвездено потекло (види тука). Но, во моментот кога за првпат бил забележан објектот, тој веќе “прошишал” покрај Сонцето и бил на пат да го напушти Сончевиот систем. Омуамуа брзо дојде во фокусот на астрономските набљудувања на речиси сите телескопи на Земјата, но поради оддалечувањето неговата видливост беше сè послаба. Набљудувањата не забележале траги од опашка којашто е карактеристична за кометите, поради што објектот беше класифициран како астериод. Но, некои набљудувања укажуваа дека е можно Оумуамуа да крие ледено јадро под површината.
Со употреба на телескопите Канада-Франција-Хаваи на Хаваите, VLT во Чиле и на вселенскиот телескоп Хабл, тим од астрономи ја следеле патеката на овој меѓуѕвезден патник сè до почетокот на јануари оваа година. Следејќи ја позицијата на Оумуамуа во однос на ѕвездите, научниците забележале дека патеката на објектот покажала отстапувања што не можеле да се објаснат со гравитациското влијание од Сонцето, планетите, Месечината и од другите големи тела во Сончевиот систем. Отстапувањето било премало за да може да се припише на влијанието на Сонцето. Откатко сите други можни објаснувања биле исцрпени и отфрлени, истражувачите заклучиле дека отстапувањата се должат на еден процес којшто е типичен за кометите – исфрлање гас, што на објектот му дава дополнителен потисок и забрзување.
Количината на исфрлените гасови била многу помала од типичната толичина којашто се забележува кај повеќето од кометите, а и количината на исфрлени “отпадоци” била прениска за да може да се формира типичниот опаш којшто го имаат кометите. Невидливоста на процесот на исфрлање на гас може да ги поттикне астрономите да бараат објекти со слични карактеристики во внатрешноста на нашиот Сончев систем. Во потрагата, многу се очекува од новиот телескоп ЛССТ (Large Synoptic Survey Telescope) во Чиле, којшто треба да започне со работа во 2022 година.