Откриен е астероид со невообичаена издолжена форма, па група научници, вклучувајќи го и познатиот физичар Стивен Хокинг (Stephen Hawking), го поставија прашањето дали тој објект можеби е вештачка творба, евентуално вселенско летало на некоја напредна вонземна цивилизација.
Една научна екипа од Астрономскиот Институт на Хаваите, пред некој месец откри во средишниот дел од нашиот Сончев систем многу чуден космички објект, којшто наликува на астероид, нумериран е под број A/2017U1. Врз основа на анализа на неговата невообичаено чудна траекторија, речиси вертикална на рамнината на еклиптика во која орбитираат сите тела во Сончевиот систем, научниците заклучиле дека тој потекнува од просторот надвор од нашиот Сончев систем, па во тој контекст истражувачката екипа му даде второ име на објектот, го нарече астероид Омуамуа (Oumuamua), кратенка од кованица, којашто на хавајски јазик значи “Прв гласник дојден од надвор”. Имено, ова е прв случај во нашиот Сончев систем да биде идентификуван објект “странец”, кој според астрономите талкал низ нашата галаксија Млечен Пат повеќе од 100 милиони години без да биде поврзан со ниеден ѕвезден систем. Да објасниме, сите досега идентификувани талкачки космички објекти, кометите и астероидите видени во нашиот Сончев систем, потекнуваат исклучиво од региони внатре во нашиот Сончев систем, имено, потекнуваат или од астероидниот појас помеѓу планетите Марс и Јупитер, или од Кајперовиот појас лоциран зад орбитата на планетата Нептун!
Откриениот објект, освен што има многу чудна траекторија, како што веќе наведовме, вертикална на рамнината на еклиптиката, тој има и многу чуден облик, кој асоцира на пура/цигара. Долг е околу 400 метри, а дебелината му е 10 пати помала од неговата должина, па според тоа, тој воопшто не наликува на ниеден од астероидите со потекло од нашиот Сончев систем (види ја уметничката визија на слика 1 во прилог). Има црвеникава нијанса на обоеност, а неговата осветленост варира со периода 7,3 часа, што е последица од неговата сопствена ротација.
Како последицата од неговата вертикална траекторија во онос на еклиптиката, патувајќи низ нашиот Сончев систем тој не се вкрстуваше со орбитите на ниедна планета, туку директно влезе вертикално внатре во средишниот простор на Сончевиот систем, попрецизно кажано во просторот помеѓу планетата Меркур и Сонцето (види слика 2 во прилог). Натаму, на 9 септември тој имаше “блиска средба” со Сонцето, чијашто гравитација му ја сврти траекторијата така што тој излезе надвор од просторот помеѓу Сонцето и Меркур, со изменета траекторија речиси паралелна со рамнината на еклиптиката, па тогаш тој започна да се вкрстува со орбитите на планетите. Така на 14 октомври тој ја пресече орбитата на Земјата на растојание од околу 24 милиони km, патувајќи со брзина 44 km/s, релативно во однос на Сонцето. Потоа на 1 ноември тој ја пресече орбитата на Марс и продолжи да патува кон орбитата на Јупитер со која ќе се вкрсти во месец мај 2018 година. Потоа ќе продолжи кон орбитата на планетата Сатурн, неа ќе ја пресече во јануари 2019 година, на крај на 2022 година ќе ја помине и орбитата на планетата Нептун, и конечно ќе се упати кон излез од Сончевиот систем, во насока кон соѕвездието Пегаз. Со тоа “гостинот” A/2017U1, Омуамуа, ќе ја заврши “посетата” на нашиот Сончев систем.
Но, прикаската не завршува тука. Имено, врз основа на наведените чудни карактеристики на предметниот објект, невообичаени за други космички објекти, една група научници составена од еминентни физичари, вклучувајќи го и познатиот физичар Стивен Хокинг (Stephen Hawking), го поставија прашањето дали тој објект можеби не е природна творба, туку е вештачки, евентуално вселенско летало на некоја напредна вонземна цивилизација.
Како адут, групата своето внимание го посочи, во прв ред, на чудниот издолжен облик на објектот, сличен на пура, толкувајќи го тоа како можност тој облик да е вселенска архитектура погодна за минимизирање на фрикцијата (триењето) со меѓуѕвездениот гас и прашина, што е многу актуелно за меѓуѕвездени патувања со голема брзина, каква што ја има предметниот објект!
Исто така, движењето на тој објект е многу чудно “чисто”. Имено, тоа е без емитување на вообичаениот облак од космичка прашина, којшто астрономите редовно го гледаат околу секој астероид. Според експертите, таа “чистота” сугерира можност тој објект да е направен од метал.
На тоа се надоврзува и неговата невообичаена хиперболична траекторија, и тоа во рамнина што е вертикална во однос на рамнината на еклиптиката, во којашто со мали отстапувања орбитираат сите објекти во Сончевиот систем! Имено, да објасниме, сите небески тела во Сончевиот систем орбитираат со елипсести траектории, а не со хиперболични, па токму тоа го оддава предметниот објект дека не потекнува од нашиот Сончев систем.
Но, сето тоа наведено, сепак, не е доволно цврст доказ во прилог на вештачката конструкција на објекот, па екипата научници во потрага по таков доказ ќе го следат натамошното движење на објектот преку најголемиот светски радиотелескоп лоциран во Грин Бенк (Green Bank), Западна Вирџинија, САД, обидувајќи се, евентуално, да идентификуваат некој радио-сигнал кој не би можел да потекнува од природен извор, туку само од вештачки извор. Ако во тоа успеат, тоа би била прва “блиска средба” меѓу цивилизација од Земјата и цивилизација од надвор не само од Земјата, туку и надвор од нашиот Сончев систем, и доказ дека ние не сме сами во космосот!
Астероидот сега патува кон орбитата на планетата Јупитер, и како што веќе рековме, неа ќе ја пресече во месец мај, 2018 година.
Ние ќе го следиме текот на натамошното истражување и во врска со тоа ќе известуваме!