Кон крајот на минатата година, астрономите го забележаа првиот објект што влезе во нашиот Сончев систем од меѓуѕвездениот простор. Црвеникавото тело во облик на цигара беше наречено Оумуамуа (Oumuamua - со значење извидник, на хавајски јазик). Сега, едно ново истражување навестува дека овој егзотичен објект најверојатно го започнал своето патување откако бил исфрлен од систем со двојни ѕвезди.
Астрономите првично го класифицираа Омуамуа како комета, но подоцнежните набљудувања не ги забележаа типичните знаци за овој тип објекти, како што се облаците од прав или водена пареа. Покрај ова, самата брзина на движење и чудната траекторија на објектот долг 400 метри, сугерираа дека се работи за астероид, а не комета, “заскитан” од надвор од Сончевиот систем.
Траекторијата на објектот низ Сончевиот систем
Но, многу малку системи со една ѕвезда би можеле да исфрлат објект како астероид, сугерира новото истражување. Ова се должи на тоа што ваквиот “подвиг” бара гравитациски интеракции со планета со големина на Сатурн или дури и поголема, нешто што го има во само околу 10% од планетарните системи со една ѕвезда во близина на Млечниот Пат.
Од друга страна, планетарните системи со две сонца, особено оние каде што ѕвездите орбитираат блиску една околу друга, имаат поголема веројатност да исфрлат астероиди, велат истражувачите во трудот објавен во месечникот на Кралското астрономско друштво (Monthly Notices of the Royal Astronomical Society). Компјутерските симулации укажуваат дека дури 36% од системите со бинарни ѕвезди можат да исфрлат астероиди. Кога бил земен предвид и бројот на планетарни системи со една, наспроти системите со бинарни ѕвезди, како и бројот и големината на планетите што тие најверојатно ги содржат, проценките биле дека повеќе од три четвртини од астероидите исфрлени во меѓуѕвездениот простор доаѓаат од планетарните системи со две сонца.