Во 2017 година низ нашиот сончев систем „прошета“ мистериозен објект, по потекло од далечните космички пространства – што беше лесно да се одреди според неговата хиперболична траекторија и брзина. Она што беше чудно беа останатите негови карактеристики: должина 10 пати поголема од неговата ширина и забрзување без детектирано испуштање на гасови и појава на кома (вообичаено за кометите). Сето ова ја разгоре фантазијата за разни хипотези, дури и за евентуална вонземна технологија.
Да се потсетиме, во 2017 година низ нашиот Сончев Систем помина чуден космички објект, наречен Оумуамуа, којшто според научниците не беше ниту комета, ниту астероид – според неговите пропорции и однесување, ваков вид објект за првпат беше забележан тогаш од астрономите.
За чудното однесување на објектот пишувавме во „’Гостин’ во нашиот Сончев Систем - астероид или вонземно летало?“, „Мистериозниот астероид Оумуамуа – гостин од бинарен систем“,и „Мистериозниот меѓуѕвезден посетител сепак е комета?“ Затоа овде нема да се повторуваме, туку само ќе се потсетиме дека тој ја „пресече“ рамнината во која орбитираат сите тела од нашиот Сончев Систем речиси точно на полoвина. На 9 септември тој заобиколи околу Сонцето, па се насочи кон орбитата на Венера, за потоа на 7 октомври да ‘пројури’ покрај Земјата, и на крајот, со брзина од 44 km/s – брзина поголема од т.н. 3-та космичка брзина (16 km/s) со која објектите се ослободуваат од гравитацијата на Сонцето и го напуштаат Сончевиот Систем – тој да се насочи кон соѕвездието Пегаз. Рековме дека научниците не знаат ништо друго за природата и за потеклото на овој објект, освен дека тој потекнува надвор од Сончевиот Систем, што го оддава обликот и рамнината на неговата траекторија, вертикална на еклиптиката – рамнината во која, со минимално отстапување, орбитираат сите тела од нашиот Сончев Систем.
Се разбира, меѓу научниците започнаа да се појавуваат различни хипотези за природата и потеклото на објектот, помеѓу кои и хипотеза за неговото вештачко потекло, односно дека тој е производ на некоја напредна вонземна цивилизација. Впрочем и самото име на објектот, Оумуамуа, е комбинација од зборови од хавајскиот јазик што во превод значи Прв гласник дојден од надвор. Така неодамна се појави и книга од авторот Абрахам Либ (Abraham Loeb), професор на Харвардскиот оддел за астрономија, во којашто тој објаснува врз основа на што може да се заклучи дека чудниот објект е вештачки производ на некоја вонземна цивилизација.
Абрахам Либ и слика на таинствениот објект Оумуамуа
Како прво, авторот на книгата го наведува невообичаениот, чуден облик на објектот – имено, објектот е налик на цигара, најмалку 10 пати подолг отколку што е широк. Ваков облик никогаш досега не бил забележан кај ниту еден космички објект, па според тоа авторот заклучил дека објектот е вештачки конструиран со тој облик, со цел да има помал отпор од триење при движењето низ постоечката заостаната материја во космосот.
Понатаму, тој укажува и дека објектот рефлектира најмалку 10-тина пати посилен одблесок на сончевите зраци, отколку што би рефлектирал еден типичен каменест објект. Ова укажува на тоа дека неговата површина не е каменеста, туку е направена од некој мазен, сјаен метал. Неговиот одблесок се менуваше амплитудно периодично, на секои 11 часа, што значи дека толку изнесуваше периодата на неговата ротација околу себе.
Уште понатаму, авторот наведува и едно чудно однесување на објектот. Имено, физичарите се способни точно да го пресметаат обликот на траекторијата и на брзината на движење на некој објект кога тој обиколува околу Сонцето. Неговата брзина расте кога тој се приближува кон Сонцето, а опаѓа кога се оддалечува од него. Но, објектот Оумуамуа не се однесуваше така кога го обиколуваше Сонцето, туку беше забележливо негово поголемо забрзување, како да бил под дејство на уште некоја дополнителна сила, освен дејството на сончевата гравитација.
Траекторијата на објектот Оумуамуа низ Сончевиот Систем
Но, да појасниме, ваков случај редовно се појавува кај кометите, кои приближувајќи се кон Сонцето, се загреваат, при што испарува дел од нивната маса што ја исфрлуваат во вид на опашка, па таа дејствува како млазен погон, којшто дополнително го забрзува објектот. Меѓутоа, иако истражувачите посветиле големо внимание за да детектираат исфрлање на материја од Оумуамуа, тие не детектирале ништо што е видливо, небаре објектот имал специфичен млазен погон којшто исфрлува невидлива материја.
На крајот ќе кажеме и дека идејата на авторот според која објектот Оумуамуа е творба на вонземна цивилизација, гледано од аспект на време, не изгледа ни малку уверливо. Имено, ако објектот би бил лансиран од најблискиот планетски состав Проксима Кентаур, од каде што светлината со брзина ≈ 300 000 km/s патува 4,28 светлосни години до нас, на објектот Оумуамуа кој, како што наведовме во почетокот, патува со брзина од само 44 km/s, ќе му биде потребно време од (300 000x4,28)/44 = 29 180 години. Но, нашата галаксија има пречник ≈ 100 000 светлосни години, па од подалечните планетски состави тој објект би патувал милиони, па и милијарди години, што би значело дека бил конструиран и лансиран од пред енормно долго време, кога на Земјата воопшто немало цивилизација!