Најновото астрономско откритие гласи: во нашиот Сончев систем е откриен објект што потекнува од друг ѕвезден систем. Ова е вторпат во нашиот Сончев систем да биде регистриран посетител од друг ѕвезден систем.
Да се потсетиме, првата ваква посета беше регистрирана пред приближно 2 години. Се работеше за објектот Омуамуа, за којшто не се исклучуваше можноста тој да е производ на некоја далечна напредна вонземска цивилизација, заради неговата невообичаено издолжена форма. Новиот, втор посетител на нашиот Сончев систем е откриен на 30 август годинава, од страна на Генадиј Борисов, астроном-аматер на Кримската астрофизичка опсерваторија во Бахчисарај. Објектот е откриен во моментот кога бил оддалечен приближно 3 АЕ (астрономски единици) од Сонцето, а најблиску до него (во перихел) ќе стаса на 10 декември оваа година, кога ќе се најде на растојание од околу 2 АЕ од Сонцето. Да потсетиме, една АЕ го претставува средното растојание помеѓу Земјата и Сонцето.
Објектот е именуван C/2019Q (Borisov), а првичните опсервации се направени од Големиот канарски телескоп (Gran Telescopio CANARIAS) лоциран на канарскиот остров Ла Палма. На објектот јасно се препознава кома и опашка, па според тоа, се работи за комета заталкана од некој друг ѕвезден систем.
Но, на кој начин астрономите заклучиле дека тој објект потекнува од некој друг ѕвезден систем? Тие дошле до тој заклучок според обликот на неговата хиперболична траекторија, односно патеката по којашто тој се движи низ просторот, а која драстично “отскокнува” според нејзината висока екцентричност која не е својствена за космички објекти со потекло од нашиот Сончев систем. Имено, сите планети, комети и астероиди со потекло од нашиот Сончев систем орбитираат околу Сонцето по “елипсести” орбити, кои се карактеризираат со екцентрицитет значително помал од 1 (е<1), додека траекторија со екцентрицитет еднаков на 1 (е =1) е параболична, а траекторија со уште поголем екцентрицитет (е >1) е хиперболична. Според досегашните набљудувања, орбитата на кометата C/2019Q (Borisov) има екцентрицитет е = 3,2, односно хиперболична траекторија која, како што кажавме, не е својствена за објекти со потекло од нашиот Сончев систем. Разликата е графички прикажана на сликата во прилог, а зелената точка близу до Сонцето ја покажува приближната локација на којашто деновиве се наоѓа таа комета. Таа сега се движи со брзина 41 km/s, а кога ќе поминува најблиску до Сонцето, нејзината брзина ќе порасне на 44 km/s.
Што се однесува до нејзиниот состав, досегашната спектрална анализа на сончевите зраци што се рефлектираат од кометата покажува слична слика како сликата од кометите од нашиот Сончев систем. Ова укажува дека и кометите од другите ѕвездени системи најверојатно се формираат во процеси слични на оние што постојат во Ортовиот облак, којшто се наоѓа на самата граница на нашиот Сончев систем, а е главен извор на долгопериодичните комети.
Астрономите се надеваат дека за набљудување на објектот ќе имаат на располагање уште околу една година и веруваат дека ќе добијат и други важни информации за составот на оваа меѓуѕвездена комета.