Нема вечни соодноси! Особено во економијата. Кога пред три децении електричните автомобили сè уште беа мисловен поим, само по некој ентузијаст, во сопствена режија, преправаше класичен автомобил во електричен и така го возеше по патиштата. И знам дека тогаш најголем нивни проблем беше како да го регистрираат возилото, бидејќи електричната енергија од домашниот приклучок беше мошне евтина и често спаѓаше во социјалната категорија штитејќи го стандардот на населението, па од трошковна страна возењето беше гледано за бадијала, преевтино или едноставно кажано – ‘џабе’. Денес, со сериското производство на електрични автомобили, односите на ова поле се променија и тежиштето лека полека почна да се поместува кон балансирање на цената на енергенсите за погон на автомобилите. Дојдовме до старата вечна вистина дека цената на еден киловат-час енергија е приближно иста независно од видот на енергијата. Така, возењето на автомобил на електрична енергија е сè поскапо и веќе сега во некои држави во западна Европа е поскапо и од возењето на бензин.