Американската поетеса Ентозаки Шанге има кажано “Каде има жена, тука е магијата”. Ако оваа мисла ја пресликаме во современиот дигитален свет на информациската технологија и бизнис, за да ја дефинираме улогата на жената во него, може да кажеме дека жените ја носат магијата и во дигиталниот свет. Втората годишна конференција на македонскиот огранок на Жени во техниката (Women In Tech Macedonia), што во саботата се одржа во Скопје, во хотелот Мериот, во оваа насока понуди повеќе инспиративни приказни и совети за успех во ИТ светот, стручни пресеци на специфични проблеми од индустријата и секако, многу, многу поддршка за жените во ИТ индустријата.
Денот започна со утринските поздравни обраќања од организаторот – Моника Ризовска Таневска, директор на Women in Tech Macedonia, Маријана Иловска Златановски, менаџер партнер на WIT Macedonia и Маја Гоговска, одговорна за SEM одделот во Халкбанк (еден од главните поддржувачи на конференцијата). По ова кусо обраќање, нa сцената настапи Марија Мешкова, основач на Zenfluent (онлајн платформа за учење и подобрување на знаењето од англискиот јазик).
Мешкова го сподели своето искуство и личен увид за начините на коишто може да обезбедите поголема видливост на вашиот бизнис и да привлечете повеќе корисници кон услугите или производите што ги нудите со помош на социјалните медиуми. Притоа таа збореше за изборот на содржини, начинот на презентација, којшто треба да се заснова на оригиналност во изборот и изведбата, запознавањето со таргет клиентите, градењето доверба, но и користењето на современите дигитални алатки, меѓу кои и вештачката интелигенција.
Инспиративната сесија насловена како “3 највлијателни работи што ги научив во стартапот”, понуди дискусија за искуствата при основањето на компанијата – од основна идеја, обезбедување ресурси за реализирање и надминување на проблемите, до успешна приказна. За тоа што забележале на својот пат кон реализацијата на идејата преточена во стартап дискутираа Хасан Јасин, соосновач и шеф на производство во Ernest, и Божанка Витанова, соосновач и CEO во Teamlift, водени од модераторката Ивона Трајановска, претприемач и претседател на заедницата Млади Претприемачи.
На ова се надоврза дискусијата за новите трендови кај стартапите, каде особен акцент беше ставен на клучната улога што ја има поддршката од стартап заедницата за понатамошниот успех на штотуку стартуваниот проект, разговараа Гого Рафајловски, COO во SEEUTechPark, Горјан Јовановски, CEO и соосновач на EarthCare.ai, Ивана Каралиева Петреска CEO во Boksy и Сашо Јовановски, CEO во StartUP Club.
Мошне интересен пресек на ИТ трендовите во Македонија даде основачот на Aqtos.com, Дамјан Дано. Во одлично реализаната презентација добивме мноштво податоци за растечката ИТ заедница во македонија – присутни компании, процентуална застапеност на ИТ компаниите на пазарот, достапност и платеност на работната сила – ИТ професионалците, најчесто користените програмските јазици, дата база, платформи за разговор, клауд сервиси итн. Овие аналитички податоци ќе импомогнат во планирањето понатамошниот професионален развој на поединците и компаниите веќе вклучени во дигиталната бизнис сфера, но и на оние што допрва треба да го започнат своето патешествие со нов дигитален проект или како работна сила, на тој начин што добиваат увид во она што во моментов се бара на пазарот од знаење и понуда на услуги, од каде може да се насетат идните проекции. Па така, иако во моментов како најпопуларен и најбаран програмски јазик се етаблира Python, најчесто користена платформа за развој е Jira, итн.
Сесија за агилен развој, со примена на повеќе итерации во животниот циклус на проектот, имаше одржа Неда Калешовска, постар проектен менаџер во Netcetera, по што имавме и препораки од Марија Талевска, постар софтверски инженер во Metergram, за современо користење на React. Дејан Ивановски, постар софтверски инженер во at Proxiad даде пресек на користењето ан ИТ алатките и технологиите во здравството и медицината, предизвиците со коишто се соочува развојот на апликациите наменети за оваа специфична индустрија и, секако, иднината.
Билјана Георгиевска Џеповска од BtoBet говореше за потребата од револуционизирање на ангажманот на клиентите преку извонредни технолошки искуства, поконкретно интегрирањето на алатките за виртуелната реалност во анимирањето на клиентите, додека Александра Ѓиновска од IT Labs нѐ врати во доменот на ВИ, со искуствени видувања за тоа како современите ВИ алатки може да помогнат во работата
Едно од најинспиративните предавања го имаше професор Владимир Трајковиќ од ФИНКИ со совети и препораки како да се прилагодите на променливите потреби на пазарот и како претприемач но и како работна сила во светот на ИТ индустријата.
Ивана Кипријановска од Emteq Labs UK имаше кокретен производ за чијашто употреба говореше – очилата за подобрена реалност и нивниот развој.