Денес, 17.5.2024 година, во просториите на Кинотека на Македонија, Интернационалниот универзитет Еуропа Прима го прогласи Крис Павловски за почесен доктор на науки во областа на дигиталната комуникација. Настанот беше од отворен карактер, па и не чуди што салата на кинотеката беше полна.
Воведна реч на настанот имаше ректорот на универзитетот Еуропа Прима, проф. д-р Александар Трајковски, кој ја претстави оваа образовна институција и нејзините достигнувања.
По него на присутните им се обрати основачот и претседател на универзитетот „Еуропа Прима“, Јордан Плевнеш. Во неговиот говор Плевнеш нѐ поведе на пат низ просторот и времето, од антиката до ѕвездената иднина. Говорејќи за потрагата по формулата за освојување на светот како парабола за космополитскиот дух на македонецот и неговата потрага за своето место во него, тој ќе ја истакне врската на преземањето мали чекори во едно време и од една генерација, со достигнувањето на големи дела во друго време и од друга генерација, наспроти сите искушенија и предизвици. Па така тој кажа: “Драги Крис Павловски, вашата авантура, на вашиот дедо Круме, на вашите родители Венко и Марија Павловски родени од Македонија, околу митското езеро Преспа, каде се одвивала милениумска историја покажува дека идејата за светската заедница на народите вие ја остваривте во дигиталната ера што ја живееме”, алудирајќи на светскиот успех што го доживува платформата на Павловски како своевиден современ форум во кој се споделуваат идеите од сите меридијани, на што се надоврзува и успехот на неговата меѓународна компанија Cosmic Development, која има повеќе филијали во светот меѓу кои и во Македонија.
Потенцирајќи го успехот на Павловски во меѓународната бизнис арена, наспроти неговите скромни корени, Плавнеш ќе каже и дека ”Вие тогаш ја видовте планетата како во античкото значење на тој збор, бидејќи планетос значи осамен човек, и потсетивте на мислата на големиот морепловец Васко де Гама дека португалците го освојуваат светот по вода а македонците по копно, можеби затоа и до ден денешен не пренесувааат жедни преку вода. Вие го поврзавте светот со вашето потекло и со бескрајот во погледот на ангелите од Курбиново за да покажете дека сите осум милијарди луѓе на планетава Земја имаат право на слободна мисла и со тоа ја остваривте мисијата формирајќи го светски познатиот портал Рамбл во знакот на мислата на Жан Жак Русо ‘Човекот се раѓа слободен а насекаде е во окови’”, алудирајќи и на улогата што платформата Рамбл ја има во слободното искажување на мисли и идеи, размената на искуства и информации, што е универзално демократско право на секој човек на планетава.
Повикувајќи го Крис Павловски да ја прими почесната титула доктор на науки во областа на дигиталните комуникации, Јордан Плевнеш ќе каже: “Интернационалниот универзитет Еуропа Прима ве прогласува за Doctor Honoris Causa за да останете и понатаму бранител на слободната мисла и таа нека владее во светот”.
Крис Павловски најнапред се заблагодари на Универзитетот и присутните за честа, како и на неговиот дедо за поддршката во животот, не пропуштајќи да ја подвлече неговата поврзаност со Македонија како на лично ниво така и на професионално, како и неговата решеност да ѝ помогне на земјата од каде што потекнува да се развие во побогата и послободна. Во 2011 така тој ја основа компанијата Cosmic Development, од којашто како што тој вели нема заработено ништо, а во која инвестирал со единствена цел да помогне во развојот на Македонија. Но, бизнисот се фати и порасна, по што во 2013 го основа Рамбл.
Крис говореше за основната идеја што ја имал при поставувањето на Rumble, како платформа што во својата суштина ќе им даде шанска на независните креатори на содржини, алтернатива што ќе им даде подеднакви можности и за независните блогери и за помалите креатори на содржини, за ненадејниот успех што платформата го доживува со префрлање на видео-кампањата на еден од републиканските кандидати за место во конгресот на негова корисничка сметка на Рамбл, по што следат и други влијателни корисници од оваа партија и конзервативното движење во САД, меѓу кои и поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, што ќе донесе поголема изложеност, гледаност и популарност на платформата, како место за слободна размена на мислења.
“Денес, ние гледаме на себе како на лидер во слободното изразување. Ние сме врвот од копјето кога станува збор за борбата да се слушнат не само гласовите на луѓето туку да се видат и нивните изрази, се бориме не само за луѓето во Америка да можат да го направат тоа туку и луѓето од целиот свет. Напуштаме земји каде сакаат да го потиснат правото на слободен говор и слободен израз, се спротивставуваме на влади и бескомпромисни сме во тоа, затоа што, според мене, едно од основните права што го имаме како човечки суштества (а луѓето го забораваат) е правото да го кажеме своето мислење, како и можноста да создадеме содржина, да снимаме, да креираме, и никој не треба да го забранува тоа”, вели Крис, додавајќи дека дури и декларацијата за универзални права на Обединетите нации, го признава ова право на слобода на изразот и говорот што треба да го заштитиме како основа на демократијата. За крај тој ја сподели својата визија за Македонија како за Швајцарија на Балканите, визија којашто го поттикнува и води да инвестира во земјава, финансиски и на други начини да ја помага и поттикнува да го достигне тој развоен сон.