Рубрика: Астрономија и астронаутика
Мистериозни објекти во вселената – дали се детектирани Дајсонови сфери?
Објавено на 20.05.2024 - 14:45

Постојат бесконечно многу патишта во потрагата по интелигентен вонземски живот. Еден од нив е потрагата по нешто што астрономите го нарекуваат „технопотпис“, посреден технолошки доказ што го издава присуството на напредна вонземска цивилизација. Голем интерес во научната заедница неодамна предизвика потрагата по таканаречените Дајсонови сфери. Астрономите анализираат 7 потенцијални Дајсонови сфери – хипотетички структури кои се создадени од потенцијални вонземски интелигенции за да ја експлоатираат енергијата од ѕвездите...

Се работи за хипотетички технолошки структури што би можеле да бидат создадни само од високо напредната цивилизација. Притоа, кога ќе се каже „напредна цивилизација” се подразбира заедница која има технолошка способност речиси незамислива во споредба со нашата, толку софистицирана што е способна да изгради огромна структура што би опкружувала цела една ѕвезда и со помош на која би ја собирала нејзината енергија. Нашата цивилизација, иако ги зачнува, не е способна да ги произведе. Само цивилизации од најмалку ниво II на Кардашев скалата (скала што го рангира напредокот на цивилизации од I до III) се способни да постигнат технолошки развој од овој размер.

Група истражувачи од Шведска, Индија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави развија начин за можно препознавање на Дајсонови сфери во контекст на Проектот Хефест. Првите резултати од истражувањето се објавени во Monthly Notices of the Royal Academy of Sciences.

Во оваа студија“, објаснува Матиас Суазо, од Катедрата за физика и астрономија при Универзитетот во Упсала, Шведска, „претставуваме истражување на Дајсоновите сфери што ги анализира оптичките и инфрацрвените набљудувања од Гаја, 2MASS и WISE“. Станува збор за телескопи лансирани со друга намена [во суштина за астрономски набљудувања] а чиишто податоци биле анализирани во потрага по Дајсонови сфери.

Суазо зел предвид околу 5 милиони извори откриени од овие телескопи за да изгради каталог на потенцијални „сфери“. Она што Суазо и неговиот тим се обидуваат да го пресретнат се средно-инфрацрвените емисии, што би биле емитувани од самите структури  додека тие се загреваат од топлината на ѕвездата и потоа ја емитуваат енергијата кон планетата на цивилизацијата што ги создала.

Проблемот е што овие хипотетички објекти не се единствените што испуштаат ваков тип на зрачење. Така, на пример, ѕвездените прстени од прашина и маглините го прават истото. Дури и многу далечните галаксии можат да испуштаат прекумерно инфрацрвено зрачење и да креираат лажни позитивни потписи. „За да се избегнат грешките, развиена е методологија фокусирана на откривање на извори кои покажуваат аномални инфрацрвени ексцеси, кои не можат да се припишат на ниту еден познат природен извор“, објаснуваат истражувачите.

Овој чекор, сепак, е само прв од серијата – потенцијалните Дајсонови сфери пронајдени од оваа прва проверка се подложени на понатамошни процеси што ја ставаат на тест нивната природа –дали се работи за природни структури или не.

Во последниот избор останале 368 извори, од кои 328 биле елиминирани бидејќи не ги исполнувале сите услови, 29 биле неправилни и 4 беа „магливи“. Па така, од приближно 5 милиони почетни објекти биле идентификувани само седум потенцијални Дајсонови сфери.

Но и помеѓу седумте најверодостојни кандидати, може да се пронајдат други причини зошто овие објекти емитуваат вишок енергија во инфрацрвениот дел од спектарот.

Присуството на дискови со врели отпадоци, на пример, кои ги опкружуваат нашите ѕвезди-кандидати останува валидно објаснување за вишокот од инфрацрвени емисии што се снимени“, објаснува научникот.

Од позитивна страна, посочените ѕвезди се чини дека се ѕвезди од типот М (црвени џуџиња), a дисковите со остатоци околу овој тип ѕвезди се мошне ретки, иако еден специфичен тип на диск –Extreme Debris Disks (EDD) може да ја објасни емисијата што тимот ја воочува околу нив. Во овој момент, групата на Суазо вели дека за да добие дополнителна потврда, потребни се и други истражувања, како анализа на H-алфа емисиите, што би можело подобро да ги објасни карактеристиките на ѕвездата за која станува збор, отфрлајќи или потврдувајќи ја хипотезата дека се работи за емисија од Дајсонова сфера.

Клучни зборови: